Со претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, вечерва во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје почнува 48. издание на Млад отворен театар – МОТ.
На програмата на годинашното издание, што ќе се одржува до 18 ноември, има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас-предавања.
„Декамерон“ е претстава полна живот. За жал, секојдневието не е.
Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството што сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството, нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – велат организаторите.
Следниот ден на сцена ќе има руски реализам, односно „Браќа Карамазови“, во режија на Оливер Фрљиќ на „Загребско казалиште младих“ – ЗКМ од Хрвстаска. На 10 ноември ќе се одржи претставата „Омаж за Каталин Ладик“ од театарот од Словенија, во режија на Ирена З. Томажин, Јуле Флирл.
Како дел од ова програма, меѓудругото, премиерата ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата „Биш“ – „Артопиа“ и „Хибрид“. Исто така, ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на „ErosAntEros“ од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA-програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.
Од 16 до 18 ноември, на сцената во Железничката зграда во Скопје ќе биде претставен перформансот/тетараската инсталација во три дела „Градот како сцена II – приказна за шетачот“ на Филип Јовановски.
На 17 ноември пак, ќе се одржи претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.
Мастерклас ќе одржи долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана Душан Пернат, насловен „Скриената улога на продуцентот“. Како дел од придружната програма е промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојаноска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со „Локомотива“ од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува / Дијалог кој недостасува“.
МОТ и оваа година ќе ја доделува наградата „Биш“, како дел од заложбите на фестивалот за поддршка и промоција на домашната независна сцена.