Сојузот на средношколци со апел до Владата и СОНК: Договорете се побрзо за да се намали штетата што ја трпат учениците

42

Од Сојузот на средношколци повикуваат на брзо склучување на договор меѓу Владата и СОНК. Оттаму велат дека веќе девет дена како учениците немаат настава, а потсетуваат дека ова е генерација која веќе изгуби цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст. Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се надвор од нормалниот образовен процес, додаваат од Сојузот.

„ Уставот е дециден: тој ги гарантира и правото на штрајк и правото на образование. Членот 38 го гарантира правото на штрајк. Во членот 44 се вели: ‘Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови’. Меѓутоа, се наоѓаме во ситуација во која остварувањето на едното право го оневзможува остварувањето на другото. На нашата претходна прес-конференција ние кажавме дека: ‘Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес [бидејќи] поквалитетен образовен систем е во интерес на сите’. Најголемата засегната страна во образованието ја трпи најголемата штета со тоа што е лишена од своето право на образование.

Обете страни се одговорни за загубата на наставата во изминативе две недели. Средношколци, дали некој во земјава воопшто мисли на нас и нашите права и интереси и дали го сослушува нашиот глас? Сојузот на средношколци јавно ги повикува двете страни што побрзо да склучат договор со цел намалување на штетата која единствено ја трпат учениците“ се вели во реакцијата на средношколците.

Ова е особено проблематично за матурантите, бидејќи, како што велат, кај многумина од нив има голема шанса да се пробијат државните рокови, кои, пак, негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство. На пример, рокот за полагање на проектната задача истекува на 21 април. Затоа потребно е итно решавање на проблемот.

„ За крај, Сојузот на средношколци од почетокот на своето постоење се залага образованието да биде посериозно сфатено во рамките на целото општество. Во тој поглед, ние многупати го истакнуваме фактот дека за 30 години се смениле дури 19 министри за образование и наука. Понатаму, наша клучна заложба е зголемување на буџетот за образованието како дел од бруто-домашниот производ, т.е. да се одвојуваат 5% од БДП за образование согласно со европскиот просек. Зголемувањето на буџетот треба да оди во насока на подобрување на инфраструктурата, но и во поголема поддршка за кадарот“, појаснуваат тие.

Сојузот на средношколци бара да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content