Апелираат да се размислува за изнаоѓање на системско решение за субвенционираниот студентски оброк, налик на моделот применуван во европските земји, конкретно Словенија. Според нив, освен финансиската, важна улога мора да играат и нутритивната и економската димензија.
„Скорешните настани ја покажуваат важноста на вклучувањето на засегнатите страни во процесите на одлучување a priori, т.е. уште кога ќе се работи на првиот нацрт. Државните институции мора да размислуваат стратешки, а не да чекаат да се создаде револт којшто ќе ги коригира нивните грешки. Воедно Сојузот на средношколци ја користи оваа прилика да ја поздрави предлог-мерката за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните, која предвидува месечна финансиска поддршка од 3.000 денари за сите средношколци. Оваа предлог-мерка на прес-конференција ја образложи пратеникот и претседател на Собраниската комисијата за финансии и буџет, Бојан Стојаноски. Оваа приоритетна мерка е голем чекор во зголемување на средношколскиот стандард, а ќе им помогне на средношколците во ова време на криза. Сојузот на средношколци ги повикува сите пратеници во најкус можен рок да ја поддржат мерката, со што ќе нè поддржат и нас“, посочуваат од сојузот.
Средношколците, како што додаваат од таму, мора да бидат вклучени во дизајнирањето на политиките коишто ги засегаат. Информираат дека сојузот, како и досега, ќе продолжи да се залага и да предлага мерки кои ќе ги штитат средношколците и ќе го застапуваат нивниот интерес.