Собранието го изгласа законот за нови министерства, ДУИ гласаше ЗА

158

Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се создаваат услови за формирање на нова влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, на Вреди и на паријата ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фрoнт синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност.

Во расправата за законот зборуваа пратениците од СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата и државната управа не се прави реформа туку таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција. Како што кажаа, со измените се менува 31 член од законот, а исто така не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација, а законот се носи без анализа и дебата.

Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ кажа дека во овие измени не е предвидена Управата за заштита на културно наследство, што, според неа, значи дека тука застанува грижата за културното наследство на идната влада. Посочи дека во 2021 година е изготвена функционална анализа од која се гледа како треба да изгледа Министерството за култура.

Според Славјанка Петровска мнозинството не можело да има попоразителен почеток.

– За десет дена трипати си го погазивте зборот. И затоа молчите цела ноќ, ама довикувате од место, рече Петровска.

Пратеничката го прочита соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт за поддршка на измените, како и повеќе изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кои тој зборува против ДУИ и СДСМ.

-После денешната коалиција се поставува прашањето кој во чиј скут седи, рече Петровска.

Одлуката на ДУИ и Европскиот фронт ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети.

– Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност. Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот форнт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други инстицуии кои се дел од овој закон, рече Беџети. Се согласивме, додаде тој, да создадеме ад хок комисија за правичната застапеност.

Амар Мециновиќ од Левица истакна дека експертите и академската фела не се вклучени во измена на една ваков системски закон.

Носењето на измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа се вовед во формирањето нова влада меѓу коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Мандатарот Христијан Мицкоски, кој исто така е и предлагач на измените, најави дека нова влада би можело да биде формирана пред истекувањето на дваесетдневниот рок што започна да тече во четвртокот на 6 јуни.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content