Сиљановска-Давкова се сретна со претставници на Меѓународниот монетарен фонд

106

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Анет Кјобе и високиот регионален претставник на ММФ за Западен Балкан и шеф на Канцеларијата во Скопје, Себастијан Соса.

На средбата се разговараше за економската состојба и спроведувањето на реформите, мерките што треба да се преземат за одржување на економската и финансиската стабилност во услови на флуктуации во глобалната економија, како и за соработката со меѓународните финансиски институции.

Имајќи предвид дека флуктуациите имаат значајно влијание врз економиите, особено на помалите земји, претседателката се заблагодари за досегашната финансиска поддршка на ММФ за ублажување на глобалните шокови. Во таа насока претставниците од ММФ ги споделија нивните прогнози и видувања за досегашните мерки и политики.

Соговорниците разменија мислења и за измените во Законот за Народната банка, во делот на начинот на распределба на добивката. Претседателката укажа дека структурните реформи нужно наметнуваат потреба од дебата и поголема вклученост на експертската јавност во креирањето добри и одржливи решенија.

Во контекст на потребата од приоритизирање на трошоците, заради намалување на проинфлаторните ефекти, на средбата беше нагласена важноста на инвестирањето во инфраструктурата и дигитализацијата, како и во образованието, здравствениот сектор и борбата со корупцијата. За соговорниците, македонската реформска агенда отвора можност за развој на земјата. Претседателката истакна дека билатерализацијата на македонските евроинтеграции ги успорува реформите и дека е нужна дебилатерализација на процесот на проширување.

Таа го реафирмира ставот дека најдобри инвестиции се оние во образованието, науката, инфраструктурата и културата. Тоа, според неа, ќе го намали одливот на квалитетни кадри и ќе ги поттикне младите своите потенцијали да ги искористат дома.

Во дијаспората претседателката препознава важен фактор на македонската економија.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content