Од утрово влезе градежна механизација на Националната арена “Тодор Проески’’ и се означи старт на работите за одстранување и монтирање нова тревна подлога. Со ова се очекува да се реши најгорливиот проблем на стадионот, а тоа а тревната површина.
-Отпочнуваме со активности на Националната арена “Тодор Проески’’ во насока на целосна ревитализација на тревната површина и нејзините пропратни елементи. АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката во соработка со ФФМ отпочнува процес на целосно менување на тревната површина коешто последен пат е изведено во 2012 година.
Проектот е донација од ФФМ преку УЕФА и се очекува да биде готов пред националниот натпревар со Англија на којшто ќе можеме да се пофалиме со нова, најсовремена тревна површина согласно највисоките стандарди на меѓународните фудбалски институции.
Дополнително, пред поставување на тревната површина нашето Друштво активно работи на надградба на системот за наводнување на тревата, на начин којшто ќе биде најадекватен за новото игралиште.
Вредноста на инвестицијата и на донацијата ќе биде дополнително истакнато кога ќе се презентира целиот овој проект како реализиран. Новите услови на Националната арена ќе ги подобрат условите за работа на националниот и клупскиот фудбал и генерално, се во насока на успешно развивање на спортот во РСМ, порачаа од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.