Пензионерите од септември очекуваат повисоки пензии за 2 500 денари, линеарно. Ова беше едно од првите ветувања на новата Влада. Според пресметките на Министерството за финансии со ребаланс на Буџетот треба да се обезбедат 80 милиони евра неопходни за редовна исплата на пензии до крајот на годинава, пишува Порталб.мк. Од друга страна статистиките на државниот ПИОМ покажуваат дека бројот на пензионери расте а расходите надминаа 11% од БДП.
За една година 2 000 нови пензионери, за пет години буџетските трансфери повисоки за 50 милиони евра ..
На 1,7 вработени по еден пензионер, на 1 000 вработени – 588 пензионери. Бавно се стеснува “јазот“ меѓу бројот на вработени и пензионери. И новиот Извештај за работата ПИОМ во 2023 та покажува дека државниот фонд и натаму останува финансиски зависен од државниот Буџет. Со раст на трошоците во секоја следна економска година. Според податоците од извештајот, лани од централниот Буџет на сметката на ПИОМ биле префрлени 510 224 000 евра. Споредбената анализа на податоците покажува дека за пет години буџетските трансфери се зголемени 53 400 000 евра.
Трансфер од Буџет Придонеси од плата
2023 година 510 224 000 евра 1 030 000 000 евра
2022 година 464 844 400 евра 893 323 000 евра
2021 година 497 241 000 евра 801 400 000 евра
2020 година 485 405 000 евра 753 453 000 евра
2019 година 456 881 600 евра 681 645 000 евра
Извор: ПИОМ
Од друга страна во истиот анализиран период има пораст и во изворните приходи во кој најголем удел има придонесот на доход. Лани по овој основ биле наплатени 1 030 000 000 евра. Но и покрај ваквиот тренд на пораст на изворните приходи на фондот, тој и натаму останува зависен од централниот Буџет.
“Во периодот од 2010 та до 2023 година се зголемуваат расходите како резултат на зголемување на бројот на корисници на пензија и на усогласувањето на пензијата. Расходите за исплата на пензии во 2023 та изнесуваа 1 268 000 000 евра и во споредба со 2010 та се зголемени за 126,40%“ се наведува во новиот Извештај на ПИОМ.
Проблематичната финансиска состојба на овој фонд кој е со најгломазен буџет во државата беше нотирана и од страна на ревизорите со укажување дека со вакво работење и натаму ќе има проблем со зголемување на дефицитот во фондовската каса
“Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година“ – посочија ревизорите.
Заклучно со мај годинава во земјава се регистрирани 337 078 корисници на пензија. Најголем дел од пензионерите, нешто над 30% имаат пензија од 13 192 денари до 16 909 денари.
Податоци за корисници на пензија
Висина на пензија % на пензионери
До 13 192 денари 6,80%
Од 13 193 до 16 909 денари 30,54%
Од 16 910 до 22 500 денари 24,05%
Од 22 501 до 36 614 денари 26,00%
Од 36 615 до 57 481 денари 11,76%
Над 57 482 денари 0,85%
Извор: МТСП
Ако се направи анализа на податоците за корисници на пензија, дури две третини, или над 60% од пензионерите имаа пензија пониска од 22 500 денари односно пониска од 366 евра. Само 12,6 % пак имаа пензија повисока од 36 614 денари односно од 595 евра. Владата најави дека во септември сите пензионери, линеарно, ќе добијат по 2 500 денари зголемување за што државата треба да обезбеди 40 милиони евра. Според последното појаснување од Министерството за финансии за редовното законско усогласување на пензиите ќе бидат потребни 30 милиони евра, при што Владата до крајот на годинава обезбедува уште 10 милиони евра за да го испорача даденото изборно ветување. Но за разлика од сегашниот модел за процентуално зголемување, сега парите ќе се поделат линеарно.