Од поголемите градови решено е и сегашните градоначалници на Штип и Охрид да ја добијат поддршката на партијата.
На три месеци пред локалните избори владејачкиот СДСМ веќе одбра дваесетина кандидати за градоначалници за кои во структурите на партијата веруваат дека имаат големи шанси за победа. Тие се и сега градоначалници на своите општини.
По седницата на Извршниот одбор претседателот на партијата Зоран Заев соопшти дека меѓу првите е потврдена кандидатурата за втор мандат и на актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Избраните кандидати во првиот турнус по направените анкети во општините, но и меѓу членството се:
Перо Костадинов – Валандово,
Миликие Халими – Арачиново,
Благојчо Шапов – Богданци,
Зоран Зимбаков – Босилово,
Велимир Смилевски – Бутел,
Марјан Јанев – Василево,
Сашо Јанковски – Вевчани,
Ивица Димитров – Виница,
Роберт Пешовски – Градско,
Горан Трајковски – Делчево,
Лазе Петров – Демир Капија,
Анго Ангов – Дојран,
Борче Гиевски – Зелениково,
Јордан Насев – Карбинци,
Филип Темелковски – Кисела Вода,
Благојче Илиев – Конче,
Томе Христоски – Крушево,
Аце Велкоски – Лозово,
Медар Куртовски – Маврово-Ростуше,
Љубе Кузманоски – Новаци,
Кокстантин Георгиевски – Охрид,
Елизабета Зеленикова – Петровец,
Славчо Пандурски – Пехчево,
Драган Анастасов – Пробиштип,
Живко Гошаревски – Ресен,
Стојан Николов – Росоман,
Жаклина Јовановска – Старо Нагоричане,
Горан Стојановски – Чашка,
Сашко Николов – Штип,
Петре Шилегов – Скопје.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека врз основа на анкетите го избрале најдоброто.
„СДСМ е најдоброто за Република Северна Македонија“, рече Заев.
Заев изјави дека е задоволен од она што градоначалниците на СДСМ го направиле во Арачиново, Охрид, Кисела Вода. Според него, такви резултати во општините немало со години, но, сепак можело да се направи и повеќе да не била пандемијата.
Но, партијата сѐ уште нема кристализирано кои ќе бидат нејзини кандидати во Битола, Велес, Куманово, Прилеп, Гевгелија… но и во скопските општини Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба.
Една од поголемите непознатици е дали во Центар кандидат на партијата ќе биде досегашниот нејзин прв човек Саша Богдановиќ или раководството на партијата ќе се одлучи за Милена Стефановиќ, директорката на Клиниката за Инфективни болести која беше многу присутна во јавноста за време на пандемијата. Исто така, неизвесно е дали Златко Марин ќе добие можност да се бори за втор мандат во Аеродром. И дали Стефан Богоев од Карпош ќе оди на некоја друга раководна функција (можеби Царина, затоа што нејзиниот директор е еден од кандидатите за градоначалник на Прилеп). Втората група кандидати СДСМ треба да ја обелодени некаде во август, а оние за кои е најнеизвесно што покажуваат анкетите веројатно на почетокот од септември.
Другите партии засега уште не одлучувале за нивните кандидати, иако се споменуваат одредени имиња, како на пример Арбен Таравари од Алијансата за Албанците за втор мандат во Гостивар.
Со вечерашнава одлука на некој начин картите на партиите почнаа да се отвораат и ќе видиме кои кандидати ќе ги одберат другите политички сили. И, на пример, дали ДУИ ќе излезе со свој кандидат во Скопје или ќе го поддржи Шилегов, а за возврат СДСМ да направи отстапки онаму каде што им е потреба на интегративците.