Државата воведува нови правила за вградување на фотоволтаици на крововите на домаќинствата и малите потрошувачи. Освен што се укинува давачката за мрежарина кога се пушта вишокот на струја во мрежа, Регулаторната комисија за енергетика за Денар открива дека ќе се поедностават и процедурите за добивање на градежна дозвола за инсталирање на фотоволтаикот. Досега во Македонија има околу 500 домаќинства кои инсталирале фотоволтаици над своите домови. Надлежните апелираат дека инвестицијата чини околу шест илјади евра и на краток или среден рок многу се исплаќа.
Добивањето градежна дозвола од општините за инсталирање на фотоволатици засега беше еден од најголемите проблеми на граѓаните кои одлучуваа да инвестираат во сопствено производство на електрична енергија. Од Регулаторната комисија за енергетика за Денар откриваат дека во тек се измени на Законот за градба во кои се бара, домаќинствата кои ќе поставуваат фотоволтаици на своите кровови повеќе да немаат обврска да добиваат решенија од општината за поставување на фотоволтаиците, туку едноставно ќе треба да направат проект и соодветен надзорен орган, кој пред се ќе биде лиценциран од државата и кој веќе постои ќе треба да даде само констатиција дека фотоволтаикот е во ред и не прави никакви проблеми. Регулаторот убедува дека таа процедура која траеше и до година дена, во зависност од општината, ќе се скрати на најмногу еден месец. Домаќинствата ќе немаат потреба ниту од обезбедување на никакви лиценци или останата документација. Информациите кои ги добивме од регулаторот велат дека домаќинствата ќе треба само да го известат операторот на дистрибутивниот систем на електрична енергија за да постави дво-насочно броило. Дополнително регулаторна веќе ги промени и правилата во однос на тарифниот систем.
„Регулаторната комисија за енергетика пристапи кон промена на тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија со една единствена цел, бидејќи домаќинствата сега ќе продаваат и на ЕВН ХОМЕ, веќе десетина дена за произведената електрична енергија нема да имаат обврска да плаќаат мрежарина, и на тој начин ќе заштедат многу средства. На тој начин домаќинствата треба да се мотивараат да поставуваат фотоволтаици на своите кровови, и на тој начин да ја намалиме увозната зависност од електрична енергија. Иако, навидум шест киловати се многу малку, но да речеме дека 10 илјади домаќинства да постават по шест киловати тоа се 60 мегавати, тоа е како еднам поголема хидроцентрала во Македонија. Тоа пред се ќе помогне на домаќинствата и на целокупниот електроенергетски систем во државата“, велат од РКЕ.
Од министерството за економија пак сметаат дека со новите правила на граѓаните и компаниите им се овозможува да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија. Од ресорното министерство додаваат дека секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник има можност да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземента електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.
„Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, согласно Законот за енергетика во 2019 година се воведуваат производителите-потрошувачи како нови учесници на пазарот. Согласно Правилникот потрошувач-производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродистрибутивната мрежа. Досега потрошувач-производител може да го предава вишокот на произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа ако, меѓу другото, не е снабдуван со електрична енергија од универзалниот снабдувач“, велат од министерството за економија
Денар побара став и од ЕВН, како новите правила ќе се одразат врз нивната работа. Од оваа енергетска компанија за Денар велат дека укинувањето на мрежарината, односно трошокот за користење на дистрибутивна мрежа кај потрошувачи-производители оди целосно во прилог на имплементацијата на измените во Правилникот за обновливи извори.
„Доколку не се укинеше мрежарината за испорачаните количини, потрошувачите кои се снабдувани од страна на ЕВН Хоме би добивале компензација за испорачаната енергија која често пати би била пониска од трошокот што самите потрошувачи-производители би го плаќале за испорака на односните количини. Затоа, сметаме дека укинувањето на мрежарината за испорачаните количини во електридистрибутината мрежа од страна на потрошувачите-производители беше единствено можно решение во моментов. Точно е дека со укинување на мрежарината за испорачаните количини во електридистрибутината мрежа од страна на потрошувачите-производители, Електродистрибуција во определена мера ќе оствари делумно понизок приход од потребниот за покривање на трошоците, што во ваков случај ќе се распредели на останатите дистрибуирани количини. Во моментот не се работи за некои големи количини за кои нема да се наплатува мрежарина, меѓутоа во иднина се очекува тој износ значително да се зголеми“, додаваат од ЕВН
Инаку, според очекувањата на експертите од земјава и странство за оваа зима треба сериозно да се подготвиме бидејќи според нив во зимските месеци ќе следат вистинските предизвици со енергетската криза. Минатата зима цените на електричната енергија секојдневно рушеа рекорди, на светските берзи се продаваше мегават електрична енергија за десетина пати поскапо во однос на 2020 година.