Ребалансот во Собрание, се чекаат парите за мерките за олеснување на влиијанието од ковид-криза
Неговото носење ја чека реализацијата на мерките од четвртиот пакет, кој значи поддршка за граѓаните и стопанството, а дополнително со амандманска интервенција е обезбедена и финансиска поддршка за децата без родители.
Расправата треба да продолжи и денеска во Собранието, а најмногу може да трае пет работни дена. Предлогот пред пратениците го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими кој потенцира дека стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од четвртиот пакет.
Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува.
Пратениците од власта и опозицијата во дебатата за ребалансот на Буџетот не отстапуваат од веќе искажаните ставови, додека министерот за финансии Фатмир Бесими предупреди дека состојбата кај нас не се разликува во однос на случувањата во светски рамки и дека таа е условена од коронакризата која предизвикува потешкотии во финансиските предвидувања.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски истакна дека на начинот на којшто е конципиран, ребалансот на Буџетот нема да ги даде резултатите кои се очекуваат.
-Овој Буџет е неразвоен и е лошо конципиран и ќе ја втурне Република Македонија во уште поголема економска и финансиска криза, наместо да ја оствари основната цел да го спречи истото. За жал, морам да констатирам дека економската криза е многу полоша од здравствената ковид-криза и несериозноста од носењето на мерките справувајќи се со здравствената криза е исто така пренесена и од аспект на економскиот и финансискиот систем, рече Стојановски.
Македонската економија, вели тој, е во слободен пад најголем од 1994 година наваму, а затоа е виновна во најголем дел ковид – кризата, но сепак резултатите од првиот квартал од 2020-тата година укажуваат дека македонската економија е во криза и пред ковидот, а оваа пандемија брутално ги откри слабостите и на зравствениот и на финансискиот систем.
Пратеникот Диме Велковски од СДСМ истакна дека во ребалансот на Буџетот е вграден четвртиот пакет мерки за справување со коронакризата и изнесува 470 милиони евра.
-Кога ќе ги собереме со претходните три економски пакети, се инвестирани една милијарда и 20 милиони евра и се со цел обезбедување на ревитализција генерално на македонската економија со предзнак на здравствената криза. Во креирањето на сите овие мерки, особено последниот сет четврт мерки, учествуваа сите заинтересирани чинители како стопанските комори, синдикалните организации, работодавачите, се со цел да бидат опфатени и погодени оние засегнати групи и различни дејности кои се гледаат од социо – економски, финансиски и егзистенцијален аспект, рече Велковски.
Со овој ребаланс и четвртиот пакет антикризни мерки, како што потенцираше, има цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности, да се зачуваат колку што може работните места, да се закрепнат одредени дејности, да обезбеди стабилност во однос на социјалните трансфери и политики кои ќе помогнат во спроведување на брза и излезна стратегија се со цел продолжување на позитивните трендови на македонската економија кога оваа криза ќе заврши.
Според министерот Бесими, пак, ефектуирањето на Четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојување на овој ребаланс и дека со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките како: финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати во октомври, ноември и декември.
-Со ребалансот се предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за инансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај
погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, појаси министерот.
Тој додаде дека со прифатени амандмани е обезбедена и финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер
станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на ниво пониско за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година пред КОВИД кризата.
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП.
Министерот наведе дека проектираниот дефицит за 2020 година во износ од 56,6 милијарди денари, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 15,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Министерот побара од пратениците одговорно и разумно пристапување кон разгледување и усвојување на ребалансот, бидејќи, како што рече, во оваа ковид-криза најголемо добро за граѓаните и стопанството е ефектуирањето на четвртиот пакет мерки.
Расправата по ребалансот согласно Деловникот трае до пет работни дена.