На 5-ти декември е произведена последната чоколадна бонбона Мирабел Моцарт, завиткана во златна фолија, спакувана во кутија и на тој начин ова чоколадно топче од 17,1 грама со јадро од фстаци-марципан-нугат од Салцбург стана историја. Засекогаш се затвора фабриката во Грудиг, каде што компанијата „Salzburg Schokolade“ го произведуваше „Real Salzburg Mozartkugle“.
Корпорацијата Mondelez, сопственик на сите права на овој симбол на австриската традиција, одлучи да го прекине производството во Австрија. Планот е производството да се пресели во Полска или Чешка, но деталите остануваат нејасни. Одлуката предизвика незадоволство, како кај вработените, така и кај локалната заедница.
– Тоа беше постепен крај – вели Катарина Линднер, менаџер за квалитет, која работела во фабриката речиси десет години. Пред две години таму биле вработени 160 работници, а сега ги има само 40, а од работа ќе си заминат на 31 декември.
Во јуни, по неколку турбулентни години, беше најавено конечното исклучување на локацијата и компанијата.
– Тие што сакаа да си заминат, си заминаа. Но, сите во производството сакаат да ја доведат оваа ера до крај – вели Линднер.
Салцбург Шоколаде, компанијата која досега правеше топчиња Моцарт за Монделес, не се опорави од банкротот во 2021 година. Како причини се наведуваат поскапувањата на суровините, енергијата и транспортот.
Зградата на фабриката најверојатно уште долго ќе остане празна, додека опремата ќе се продава или демонтира. Со ова завршува една 127-годишна традиција, а Салцбург губи еден од своите најпознати гастрономски симболи, пишува австриски Куриер.