На денешното продолжение, членовите на собраниската Комисија за европски прашања треба да дискутираат по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. На дневен ред на оваа седница се и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.
На дневен ред е и Предлог на законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка.
Во досегашниот тек од дебатата на Комисијата за европски прашања, опозицијата даде забелешки на носењето на законите со европско знаменце и по скратена постапка. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и со овој закон се крши Уставот, се суспендираат законите во државава и се воведува беззаконие, предлогот е нејасен и нетранспарентен. Главната забелешка на опозициските пратеници е дека планската документација при проектирање со измените се става вон сила и за изградба на патните делници ќе биде доволно само урбанистички проект. Според нив, тоа ќе доведе до штетни последици и ќе овозможи и во иднина секој да гради каде што сака. Забележаа што законот повторно се „турка“ со европско знаменце иако на тоа реагирала ЕУ и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир. Додека, пак, за пратениците од власта, измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко градење во никој случај не одат на прескокнување на постапка и не нарушува постоечката регулатива која што е и на кое што почива урбанистичкото планирање во оваа држава.