Продолжува кампањата за локалните избори

32

Kандидатите за градоначалници, политичките партии и коалициите со собири и средби со граѓаните денеска ја продолжуваат кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, вчера од Скопје порача дека упорноста, храброста и визијата на Петре Шилегов се причината што Скопје денес има модерен, европски лик, и е на вистинскиот правец напред кон иднината.

Според него, Шилегов е фаворит затоа што граѓаните во него препознаваат одговорен, стабилен и посветен градоначалник, кој не калкулира со својот рејтинг кога носи решенија за градот. Како што рече, на овие избори го нудат Шилегов како најдобра понуда.

– Петре е најдоброто што му треба на Скопје – главниот град на 30-та земја членка на НАТО, главниот град на државата, чија Влада е најтранспарентна во регионот, главниот град на најбезбедната земја на Западен Балкан. Овој наш град не заслужува ништо помалку од најдоброто, и убеден сум дека на 17 октомври Скопје ќе го избере најдоброто, за да продолжи развојот на цело Скопје подеднакво, нагласи Заев.

Напомена дека во овие четири години Скопје го врати својот автентичен дух на урбаното космополитското, духот на солидарноста и меѓусебното почитување.

Целосно заокружување на процесот за решавање на сообраќајниот хаос во градот, Скопје да стане град без инфраструктурен проблем во наредните 50 години, како и забавен парк се дел од ветувањата на кандидатот за градоначалник од оваа партија Петре Шилегов, за следниот мандат.

– Започнуваме да го пробиваме булеварот „Македонија“ познат како „Јужен булевар“, конечно ја поврзуваме Кисела Вода со Центар и со Карпош. Целосно го завршуваме булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и до Ново Село, а ќе биде поврзан и со Општина Карпош со мостот на улица „Љубљанска“. Во центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа од стара Железничка до Бит Пазар, од Собрание до Палома Бјанка, целосно ќе го исчистиме градот заедно со општините затоа што изградивме инфраструктура во возила и потенцијал да можеме во наредниот мандат да понудиме на општините да влеземе пред секоја зграда и пред секој дом, нагласи Шилегов.

Потенцира дека тој и неговиот тим имаат реален и проверен план како тоа да биде реализирано.

Неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, пак, во Градскиот парк имаше средба со млади, со кои разменија размислувања за Скопје, какво е сега, а во каков град тие сакаат да живеат.

– Градот ќе биде место каде ќе имате исполнета и среќна младост, со содржини и младински центри што ќе ви овозможат да се развивате, лично и професионално. Ќе има места каде ќе можете да се изразите, да се поврзете, дружите а истовремено и ќе учите и ќе се наградите со знаење. Ќе се овозможи заживување на културната, музичката и воопшто мултимедијалната сцена, наспроти сегашната зачмаеност, забавни содржини со интерактивен концепт, наспроти едноличната културна програма, отвореност на градот за современите и алтернативни културни движена и создавање услови каде и вие самите би можеле да се вклучите и ќе ја создавате оваа сцена во вашиот град. Заедно, со вас и вашите идеи ќе го создаваме современо и модерно Скопје, им порача Арсовска.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа собири во Струга и Ресен, од каде лидерот на партијата Хистијан Мицкоски, порача дека ова се избори на кои ја имаат последната шанса за промени и подобро утре. Вети дека со тимот што ВМРО-ДПМНЕ го создава изминатите четири години ќе се бори за вистинска и добра иднина за сите.

За подобар стандард на граѓаните, подвлече, потребни се нови инвестиции и промени, а тоа нагласи, го нудат во над 14. 835 проекти од различни области. Во партиските програми на локално ниво, истакна дека нудат повеќе од 2.000 улици ширум државата, над 100 градинки, 150 училишта, спортски сали, гасификација, паркови…

Одговарајќи си на прашањето што значи за него победа, рече дека победа е да направи спротивно од она што се случувало во изминатите 30 години, да се корегираме се она што не чинело досега, да се создаваат вредности и принципи.

Нагласи дека треба да се изгради заеднички, модерен, нов и обединувачки патриотизам.

– Да ја победиме заедничката мака, да создадеме заедничка иднина, да се разбираме едни со други, да покажеме дека политичарите од власта ги немаат гласовите в џеб и дека за да ја добијат довербата од граѓаните треба да работат. Заеднички да успееме да ги вратиме луѓето кои се исселија од земјата, да бидеме без предрасуди, да ги победиме, криминалот и корупцијата, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчеравечер во Тетово одржа партиска конвенција на која беа претставени Теута Арифи како кандидатка за градоначалник и кандидати за членови на Советот на општината. Беа промовирани видео спотови преку кои кандидатите ќе се претставуваат пред граѓаните.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, нагласи дека партијата за 20 години никогаш не ја изгубила целта.

– Не сме пресметале дали ќе победиме или не, ние сме подготвиле проекти. Јас сум оптимист како што станавме членка на НАТО и така ќе се интегрираме во ЕУ. Јас сум сигурен дека ќе се случи победа во Тетово на 17 октомври, Теута ќе добие трет мандат, Теута има предност, таа е победник, може да има уште повеќе реализирано во мандатот од 17 октомври натаму, истакна Али Ахмети, претседателот на ДУИ на конвенцијата во Тетово.

На собир во Виница, движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ вчера ја промовираше кандидатската листа за членови на општинскиот совет. Пред присутните зборуваше претседателот на ЛДП, Горан Милески, кој рече дека за претстојните локални избори на граѓаните им нудат 51 советничка листа, со што се потврдува дека коалицијата со ДОМ е трета политичка сила во државата.

– Нашите постулати, како две центристички партии, се да направиме дигитални, отворени општини и да го ставиме акцентот на зелената агенда. Мораме да создадеме општини што ќе знаат да прават добри проекти за да ги искористуваат европските фондови за прекугранична соработка, со што ќе можат побрзо да се развиваат. Успешността на раководството на една локална самоуправа се мери според тоа колку финаниски средства обезбедило надвор од основниот буџет, без разлика од каде надвор од државата доаѓа таа поддршка. Ние ги знаеме проблемите што ги има Виница со загадувањето, посебно од градската депонија, поради што како коалиција се залагаме да се изгради современа регионална депонија за комунален отпад за целиот источен регион, и не само овде, туку и во другите плански региони во државата, истакна Милески.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content