Пријавување на конкурсите за студентски стипендии до 30 ноември, МОН препорачува електронско аплицирање

52

Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е аплицирањето за стекнување на правото на студентска стипендија во академската 2020/2021 година, кое трае заклучно со 30 ноември.

Од Министерството информираат дека конкурсите се објавени на нивната интернет страница, а потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, можат да одберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја достават или хартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираат електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk.

Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – студентите кои поради било каква причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии, посочуваат во соопштение.

Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во државата, во интерес на заштита на личното здравје, а со тоа и заштита на јавното здравје, Министерството за образование и наука апелира до студентите, доколку се во можност да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата, кој е безбеден, но и поедноставен во однос на доставата на документите во хартиена форма во просториите на МОН.

Дополнително, покрај конкурсите за доделување студентски стипендии, Министерството потсетува дека во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за академската 2020/2021 година, со кој на 25 студенти, запишани на државните високообразовни установи каде се остваруваат студиски програми од областа на музиката, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент.

Аплицирањето е идентично како и кај студентските стипендии (потенцијалните кандидати одбираат или електронска или хартиена достава на документите) и трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот.

-За какви било прашања поврзани со аплицирањето за остварување на правото на стипендија, односно финансиска поддршка за купување музички инструмент, Министерството за образование и наука им стои на располагање на студентите. Контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на министерството е [email protected], се наведува во соопштението на Министерството.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content