Ракометарите на Прилеп забележаа важна победа на гостувањето кај Младост во Богданци со 27-28 и останаа во игра за пласман во плеј-офот. Иако домашните имаа водство од пет голови во повеќе наврати од мечот, сепак паднаа во последните петнаестина минути и не можеа да го издржат ритамот што сами го наметнаа. Ниту прилепчани не беа безгрешни, но на крајот тие ги освоија трите бода.
Домашните тргнаа фуриозно и поведоа со 6-1, па Горан Кузманоски мораше да бара тајм-аут уште по петнаесетина минути. Чантурија и Шокоски за момент намалија на 6-4, но искусниот Стоилов даде три гола во серија и Младост повторно имаше највисока позитива, 9-4. Беше и 11-6, па 13-8 во финишот на првото полувреме, пред Манчески да погоди за 13-9. Младост не го реализираше последниот напад и на пауза замина со плус четири.
На стартот на вториот дел при 15-10 за Младост, домашните не реализираа напад за плус шест, и тогаш почна камбекот на прилепчани. Ги казнија сите грешки на ривалот и направија комплетен пресврт во 40 минута, 17-18, преку искусниот Чантурија. По подолго време и Стоилов реализираше за Младост за 18-18 и се играше гол за гол во продолжение. Прилеп преку Шокоски имаше шанса и за плус два при 20-21, но Паунков го одбрани неговиот удар.
Тоа беше поправено во следниот напад, а по 21-23 за Прилеп, Младост се врати на реми со два гола во серија. Десното крило Стојчевски израмнуваше два пати по водството на гостите, но Рустамов пак донесе нова предност за Прилеп, 26-27 на две минути до крајот.
Младост не реализираше напад, па Чантурија зголеми на 26-28 и остана време за домашните само да го намалат поразот со гол во последните секунди, 27-28.