Прилеп има вакцина за „короната“: Кој ја произведува?
За првите 90 дена годинава пиварницата продала свои производи на домашниот пазар вредни 4,37 милиони евра, само 9 отсто помалку од лани, а завршила со нето добивка од 91.000 евра. Резултат за почит во „корона услови“ и во традиционално тешкиот – зимски квартал.
„Прилепска пиварница“ првиот квартал го заврши со добивка од 91.000 евра. Одличен резултат со оглед на тоа дека имаше „дупли“ ограничувања. Прво, затоа што зимата традиционално не е период да пиво и газирани безалкохолни пијалоци и вториот и полошиот фактор е „корона кризата“ и нејзините бројни ограничувања. Затворени кафулиња и ресторани, забрани за свадби и свечености, ограничувања за движења и собирања….
Но и покрај тоа македонскиот бренд производител на пива и газирани сокови има успешен прв квартал. Продажбата дома изнесува 4,37 милиони евра и во споредба со истиот период лани кога немаше „корона ограничувања“ сега е намалена само за 9 отсто. Ова упатува на заклучок дека доколку состојбата беше нормална и потрошувачката реална и без ограничувања сега ќе имавме значајно зголемување на приходите од продажба на домашен пазар на брендовите: „Златен даб“, „Крали Марко“, „Туборг“, славната „Газоза“, „Пепси“, „Миринда“, „Портоколада“ и другите освежителни пијалоци од палетата на „Прилепска пиварница“.
Оперативните расходи на друштвото за трите месеци изнесуваат 4,7 милиони евра. Најголемо учество имаат трошоците за набавка на суровини и други материјали кои изнесуваат 1,9 милиони евра. Во однос на истиот период лани се пониски за 12 отсто. Трошоците за вработените се 600.000 евра и во споредба си истиот период лани се пониски за 9 отсто.
Благодарејќи на финансиските приходи кои изнесувале над 45.000 евра компанијата за првиот квартал книжи добивка од 91.000 евра, а тоа е неспоредливо подобар резултат од лани кога завршиле со загуба од 150.000 евра.