Вакцини против сезонскиот грип има доволно и бесплатни и комерцијални, и не е доцна за имунизацијата, уверуваат надлежните во Прилеп.
Во Здравствениот дом, со закажување преку матичните прво се потрошија 690 дози, а веќе се трошат и дополнителните 1 100 бесплатни вакцини. Според Оливера Аџиоска, директор на приелепскиот Здравствен дом, вакцини има доволно, има и интерес кај граѓаните.
Веќе се потрошија 200 од дополнителната пратка од 1 100 бесплатни вакцини. Има интерес кај граѓаните и количествата се повеќе од доволни, вели Аџиоска.
Во Центарот за јавно здравје повеќе од половината 800 дози комерцијални вакцини се потрошени и како што вели директорката Драгица Николоска, количествата се според потребите.
Со оглед на тоа дека Министерството за здравство набави 40 000 дози бесплатни вакцини, ние сметаме дека количеството од 800 дози комерцијални се според потребите. Потрошени се 450, со тоа што дел се и за Крушево и Демир Хисар и до крајот на идната недела ќе се потрошат, вели Николоска.
Николоска објаснува дека не е доцна за имунизацијата затоа што има време да се стекне имунитетот пред сезонскиот грип.
Сметам дека не е сѐ уште доцна, зашто пријавите за сезонскиот грип ги нема во голем број, што значи не е почнат оној бран на заболени од сезонскиот грип. Сосема е доволно времето за да се стекне имунитет со оваа вакцина во овој период, изјави Николоска.
Центарот за јавно здравје ја следи епидемиолошката слика во градот со заболените од корона-вирусот. Последните две недели има намалување на новозаразените, очекуваме така да биде до Нова година. Но, критични ќе бидат празниците и закота се постојани апелите да нема собирања и групирања.
Притисокот од новозаразени е намален. Ако неделно имаше по 400 новозаразени, последните 14-ина дена бројката е по 278 и очекуваме да се намалува до крајот на месецов. Но, критични ќе бидат празниците и закоа апелирам да нема собирања, групни славења, ниту собирања по викендици за да може да очекуваме намалувања на новозаразени, апелира директорката на прилепскиот Центар за јавно здравје, Драгица Николоска.