Во Општина Прилеп денеска градоначалникот Борче Јовчески, им додели пакетчиња на првоодделенците во основните училишта. Подароци за првачињата за среќен почеток на новата учебна година со школски прибор , неопходен за работа, им беа поделени на над 700 првачиња во градот а во наредниве денови со цел лично да ги посети сите и во населените места.
При овие средби, на првиот училишен ден, честитајќи им го почетокот на учебната година на учениците и наставниците, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески напомена дека учениците во основните и средните училишта во Прилеп ќе ја започнат новата школска година во подобри услови за работа: во освежени, исфарбани, реновирани училници и училишта, некаде со нови, адаптирани кабинети за одвивање на наставниот процес, со реновирани спортски сали и спортски реквизити, со убаво хортикултурно уредени парковски површини ивнатрешен ентериер, со реновирани санитарни јазли за подобра хигиена, итн.. Сето тоа во зависност од потребите и можностите на секое училиште поединечно, во соработка со локалната самоуправа. Но како и да е, учениците оваа нова школска година 2022/2023 ја започнуваат во услови кои во континуитет се подобруваат за реализација на воспитно образовниот процес, рече тој при посетата на основните училишта во градот, посакувајќи им добредојде на првачињата во училишните клупи :
„Училиштето е многу важен предизвик во животот на човекот. А образованието е најдобра инвестиција за иднината и темел на секоја заедница, на секоја општина и држава. Денеска на првиот училишен ден, кога пред вас стојат предизвиците на собирање на знаење, сакам да им посакам на сите вработени во основните и средните училишта, на учениците и нивните родители, среќна и успешна нова учебна година, со желба наставниците да бидат среќни што ќе имаат можност повторно да ги пренесат своите знаења на следбениците, а учениците да бидат задоволни со стекнувањето на новите знаења, вештини и навики“ – рече тој при денешните средби со учениците.
Инаку Општина Прилеп, во 10-те основни училишта во градот и населените места, има над 700 првачиња запишани во новата учебна 2022/2023 година. Воедно Општина Прилеп изразува благодарност до сите општествено одговорни компании од Прилеп кои што помогнаа со свој придонес во обезбедувањето на школски прибор за сите првачиња.