На 10.04.2025, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и ОВР Гостивар, во содејство со Комисијата за оценување на исполнувањето на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, по претходно добиена наредба од Основен суд Гостивар, извршија претрес и вонредна контрола во правно лице кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, сопственост на А.К.(52) од Република Албанија и А.Р. од Босна и Херцеговина.
Претресот и контролата во објектот биле извршени во присуство на едниот сопственик и управител А.К. и вработениот Џ.И.(39) од Република Словенија, со постојано живеалиште во с.Горно Седларце, тетовско и притоа биле утврдени низа неправилности во однос на процесот на одгледување на растението канабис, што е спротивно на Законот за контрола на опојни дроги, поради што постои сомнение дека производството на канабис било наменето за нелегалниот пазар.
Исто така, беше утврдено дека во две хали се врши сушење на канабис, при што во една од халите се пронајдени девет пластични буриња исполнети со готов производ – сув цвет од канабис, за кои правното лице не поседува никаква документација.
По насоки од јавен обвинител од ОЈО Гостивар пронајдениот канабис (растенијата и сувиот цвет) е одземен и предаден во Агенција за управување со одземен имот, додека сопственикот А.К. и вработениот Џ.И се лишени од слобода. По комплетирање на целокупната документација, денеска од страна на ОВР Гостивар ќе им биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-в од Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен суд Гостивар.