Презирот на македонските херои кон смртта на Ножот на 14.7.1907

131

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска, во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на оние, што се саможртвуваа за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

Жестокоста на турската тиранија и отпорот кон неа – предвесници на битката на Ножот

На битката ѝ претходеле многу активности, пропаганди, но и убиства на војводи. Положбата на народот во Македонија по Илинденското востание се влошила. Турската тиранија станала уште пожестока, а околните монархии, како што запишал Александар Иваноски-Глоговичанец во книгата „Епопејата на Ножот“, ја засилиле својата пропаганда. По Илинденското востание бугарската, српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија се засилиле. На Рилскиот конгрес кој се одржал во септември 1905 година е донесено решение да им се даде решителен отпор. Македонските револуционери не можеле да ги трпат злосторствата и во почетокот на јули 1907 година започнале да се собираат на тромеѓата на Прилепско, Велешко, Тиквеш. На 13 јули војводите се распределиле во групи. Првата била со војводите Тане Николов, Петре Ацев, Ѓорѓи Мариовски, Михаил Чаков, Мирче Најденов и Ѓорѓи Спиркоски. Вкупно имале на располагање 150 комити и скоро 150 лица селска милиција од околните села.

Пеколниот план за уништување на четите на ВМРО му бил доверен на мајорот Енвер-бег, кој подоцна станал еден од највидните раководители на Младотурската револуција. Од сите страни триилјадната турска војска започнала да се движи кон разграноците на Никодинска Планина, Попадиските Чукари и кон врвот Ножот. Рано изутрината на 14 јули почнала највеличествената и најтрагичната битка по Илинденското востание. Јунаците од Ножот биле однапред решени на саможртва. По заземањето на Ножот турските војници биле вчудовидени од величествената глетка. Некои од нив почнале да се изживуваат врз загинатите комити, но мајорот Енвер беј го запрел тоа и извикал: „Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“.

Издава заповед да се испукаат три плутони во чест на 54-те комити, кои мртви лежеле пред него и подолу, во подножјето на планината. Нивните тела се закопани, по наредба на Енвер-беј, во близина на врвот од месните селани. Вкупниот број на загинатите комити во областа на Ножот е 67. Од нив 45 загинуваат на самиот врв. Подоцна приказната за настанот, за јунаците кои се бореле до последниот куршум и последната бомба, како и фотографии, се пренеле во повеќе делови од светот. Вториот ден по погибелот, пред да бидат погребани, на Ножот дошол италијанскиот капетан Џузепе Луци и со својот фотоапарат го овековечил подвигот на македонските херои. Откако ја направил историската фотографија на мртвите тела, која е денес најубедливо видно сведоштво за херојството на младите Македонци, Луци се вратил во Прилеп. На членовите на Револуционерниот комитет им рекол: „Тие не загинаа, тие сите се самоубија! Гордејте се со вашите синови! Тие победија!“

Прилепчанецот Александар Ивановски-Глоговичанец, роден жител на селото Никодин, кој повеќе од половина век ја истражува славната Епопеја на Ножот, објавил во 2018 година книга за тој настан .Тој раскажуваше со револт за инертниот однос на државата кон саможртвата на хероите на Ножот: „Ножот треба да го претвориме во македонско патриотско светилиште, каде што ќе можеме да отидеме и да им се поклониме на овие наши македонски синови. Таму да им се држат часови по историја на децата. Македонската држава не им изгради вистински споменик, кој ќе ја симболизира македонската борба. Власта целосно ги заборави овие македонски херои. Народот си го сака Ножот, секогаш го одбележувал. Оди и ги почитува хероите, им пали свеќи. Порано, за време на социјализмот годишнината на тој настан се одбележуваше достојно. Борците го ценеа тој херојски чин, зашто Ножот за време на антифашистичката борба беше нивна инспирација.“

Користени извори: статија „Записи од минатото како поуки за иднината“ на весникот „Нова Македонија“ од 14.7.2022, статија „Тивко е на Ножот 114 години по почесниот турски плотун за македонските јунаци од епопејата кај прилепско Ракле“ на „Денешен весник“ од 14.7.2021 и статија„Битката на Ножот – највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание“ на „Пулс 24“ од 14.11.2018 година.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content