Прегледани се повеќе од 50 камери, сите податоци од Телеком операторите, електронските уреди од Вања и семејството

68

Потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска, која исчезна во понеделникот на пат кон училиште, е најважниот приоритет на Секторот за внатрешни работи (СВР), изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање по посетата на СВР Скопје.

Тој потсети дека е формиран посебен штаб којшто работи заедно со родителите и пријателите на исчезнатото девојче, а неколку стотици полициски службеници, предводени од началникот на СВР Скопје, се вклучени во истрагата. Преземени и прегледани се повеќе од 50 камери, сите податоци од Телеком операторите коишто можат да бидат важни, како и електронските уреди од девојчето и семејството.

Десетици лица се сослушани, вели Спасовски, и земени се информации и податоци за да може да се добијат некакви информации во врска со целиот настан.

Веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди коишто можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството, така што целиот овој тим работи до доцна наутро. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваа и сите подрумски простории не само во околината, туку и малку пошироко. Се работеше на пребарување, односно добивање на податоци и информации од црквите, манастирите коишто се во близина на Скопје, така што има една опсежна активност и тука нема да се застане. Интензивно работиме, рече Спасовски.

Системот „Сејв сити“ е целосно во функција, посочи министерот, и како што рече нуди низа на можности, како што се движење на возила, препознавање на регистарски таблици и утврдување на лица. Одделот за форензички испитувања за првпат после 30 години покрај пребарување по фингер принт ќе може да пребарува и по лица.

Одделот за форензички испитувања за првпат после 30 години покрај пребарување по фингер принт ќе може да пребарува и по лица така што, според тоа што ме информираа службите, докај 10 декември ќе можеме да го ставиме во целосна функција системот на „фејс рекогнишн“. Надградбата на системот „Сејв сити“ е друга постапка којашто е во тек. Меѓутоа, сега системот функционира и сите активности што ги преземаме и во делот на јавната безбедност сериозно помага, рече Спасовски.

Министерот изрази благодарност кон медиумите за објективното информирање и борбата против лажните вести што се шират во медиумите и социјалните мрежи.

Сите профили што објавуваат какви било лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат, а дел веќе се повикани во полициска станица. Таму каде ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедноста, односно истрагата и придонесуваат да има сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со јавниот обвинител, рече Спасовски.

Додаде дека на дневна основа ќе се информира јавноста за сите активности што се преземаат, притоа не исклучувајќи ја можноста за посебен брифинг на којшто членовите на тимот, заедно со Одделот за односи со јавност, ќе ја информираат јавноста.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content