Првомајски протест на ССМ под мотото „Работниците се државата“

45

Сојузот на синдкатите на Македонија (ССМ) на Денот на трудот – 1 Мај организира првомајски протест под мотото „Работниците се државата“.

Протестот, што ќе почне во 12 часот пред зградата на ССМ, се организира поради неправдите кон работниците.

Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството!, порачува ССМ во повикот за учество на протестот.

Сите заедно, работници, синдикати, граѓани и синдикалци, истакнува Синдикатот, треба да застанеме и да покажеме единство и солидарност и да ги спречиме намерите и лошите владини политики.

Сведоци сме, потенцираат од ССМ, дека власта без срам и чувство за одговорност ги убедува работниците дека за пораст на платите треба да се почека и сето тоа да оди постепено и бавно, за сметка на енормното покачување од 78 проценти на нивните плати кое се реализираше  веднаш и за кое носителите на власта нема потреба да чекаат. Без срам и чувство на одговорност власта ќе направи робови од работниците во сопствената држава кои ќе работат 12 часа дневно само заради исполнување на нечии бизнис интереси, под превезот на национален интерес. Сите овие причини, дискриминаторскиот однос на власта немањето на слух за егзистенцијалните потреби на работниците резултираа  со  голем број штрајкови и протести  организирани од работниците и синдикатите, пред се од ССМ и синдикатите здружени во ССМ.

Според ССМ, првомајскиот протест е единствен начин власта да го слушне гласот на сите, работниците и граѓаните, затоа што, како што стои во повикот, продолжува практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите  и носителите на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси.

– Поради таквиот однос протестите ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај, најавува ССМ.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content