Почнува процесот за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје

97

Министерството за животна средина и просторно планирање почнува со изработка на жстудијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица како прв и суштински чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од страна на општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор, а Владата на Република Северна Македонија на својата 116-та седница, одржана на 22 јануари 2019 година, го задолжи МЖСПП да обезбеди средства за изработка на студијата во соработка со двете општини. Во рамките на Програмата за природата за 2025 година обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработката на студијата.

Овој процес ќе опфати подготовка на конечна верзија на студијата во согласност со законската регулатива, создавање база на податоци за биолошката разновидност, геодиверзитет, живеалишта, хидрологија и други природни елементи, теренски истражувања и ГИС-обработка на податоците од национално и ЕУ-значење, како и организација на две јавни консултативни средби за вклучување на засегнатите страни во финализирањето на документот.

Планината Јабланица е природно богатство со исклучителна биолошка и геолошка вредност. Таа веќе е дел од Националната Емералд-мрежа на подрачја од особено значење за зачувување на природата и е идентификувана како потенцијално подрачје во идната Натура 2000 мрежа.

Изработката на оваа студија претставува клучна стручна основа за натамошната постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, со што ќе се овозможи долгорочна заштита и одржливо управување со еден од највредните природни региони во земјата.

Во 2023 од страна на МЖСПП беше финансирана и изработена социо-економска студија за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје, односно национален парк, како што е делот на Јабланица во Република Албанија прогласен во 2008 година.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content