Вкупно 1 930 лица од 28 држави ќе учествуваат на трките од 21 и пет километри, како и штафетната трка, на седмото издание на „Охрид трчаТ“ што в недела ќе се одржи во Охрид, информираа денеска на прес-конференција градоначалникот Кирил Пецаков, директорот на манифестацијата Иван Цветкоски и спортскиот директор Јоне Станковски.
Во рамките на спортската манифестација ќе се одржи и атлетскиот викенд „Охрид трчаТ 2023“, што почна денеска, а вечер ќе се одржи ноќна рекреативна трка со почеток во 21 часот. Учеството е бесплатно, стартот ќе биде од плажата „Куба Либре“ по кејот до хотелот Палас, каде ќе има концерт со охридските изведувачи, Ѓоко Танески и Никола Тони, како и паста забава.
– Постојаното зголемување на учесници од година во година говори дека е постигната целта на случувањата. Сите ние сфаќаме колку е значајно спортувањето и физичката активност, како и дружењето и рекреирањето. Овој настан претставува најава за претстојната туристичка сезона. Странските учесници одблиску ќе го запознаат Охрид и неговата убавина, секако и изобилството на историски и културни знаменитости. Верувам дека покрај настанот „Охрид трчаТ“ ќе не посетуваат секоја година, рече Пецаков.
На учесниците во натпреварувачкиот дел им посака успех и среќа.
– И секако не е важно е кој ќе стигне прв на целта, важно е да се ужива и учествува на овие прекрасни настани за Охрид. Нека победи најдобриот и најсреќниот меѓу најдобрите, порача Пецаков.
Директорот на „Охрид трчаТ“ Цветкоски појасни дека на полумаратонот ќе учествуваат 320 тркачи, 50 на штафетен полумаратон, додека останатите се на главната трка од 21 километар.
– Бројките навистина многу брзо ни растат. Не охрабрува процентот на странски тркачи. Вкупно 46 проценти од учесниците на полумаратонската трка се странци. Се надеваме дека во тој дел уште повеќе ќе раснеме. Ако е ова некој официјален дел на „Охрид трчаТ“ нека биде и официјален почеток на успешна туристичка летна сезона, истакна Цветкоски.
Спортскиот директор Јоне Станкоски информира дека за реализација на настанот ангажирани се над 250 волонтери, а за регуларноста на трката ќе се грижат 50 судии. Осум медицински екипи ќе се грижат за учесниците на пунктови, а ќе има и мобилни медицински екипи на велосипед. Долж трката ќе бидат поставени 12 освежителни пункта.
Стартот на штафетната и 21 километарската трка ќе биде во 8 часот и 30 минути, а пет минути подоцна ќе стартува и трката од пет километри.
– Штафетниот полумаратон и трката на 21 километар ќе трчаат два круга од кеј „Македонија“ по
улиците „Македонски Просветители“, и „Партизанска“, се врти лево кај Гимназијата, по улицата „Димитар Влахов“ повторно се излегува на „Македонски Просветители“, па на булевар „Туристичка“, лево кон Горна Порта, по „Илинденска“ се спушта надолу, по Кејот и се продолжува до кружниот тек пред плажата „Горица 2“. Се враќаат назад, преку мостот кај хотел „Ројал“, се врти десно и се оди повторно кај Гимназија. Се врти уште еден таков круг и третиот пат се оди на финиш, по „Димитар Влахов“ на „Македонски Просветители“ до целта на Кеј, појасни Станкоски.
Трката на 5 километри, додаде, ја има истата траса, кога ќе се стигне на кај хотел „Ројал“ се врти лево и повторно лево кај Комерцијална банка, по „Партизанска“ на „Македонски Просветители“ до стартот, односно финиш зоната.
Упати апел до граѓаните во текот на трката, односно од 8 часот до 11 часот и 30 минути, кога улиците по кои ќе се трча ќе бидат затворени за сообраќај, да се воздржат од излегување со автомобили и да користат алтернативни улици.
Наградниот фонд за тркачите на 21 километар ќе биде 300, 200 и 100 евра во машка и женска конкуренција.
Во рамките на „Oхрид трчаТ“ викендот за утре предвидено е посета на Свети Наум, ноќно крстарење и панел дискусијата на тема „Регионалната соработка VS спортските настани“.