Почна изработка на нова национална стратегија за сајбер безбедност, работната група имаше прв состанок

125

Работната група што ќе ја изработи стратегијата денеска имаше прв состанок кој го отвори ресорниот министер Стефан Андоновски, според кого дигиталнатата отпорност гарантира вистинска дигитална трансформација.

По состанокот тој нагласи дека новата стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на домашните капацитети во оваа област.

-Во ера на рапидна дигитализација, сајбер безбедноста е клучен аспект на националната безбедност и стабилност.

Сајбер безбедноста ќе биде на врвот на нашите обврски во рамки на дигиталната трансформација на општеството, затоа што таа е клучен чувар на се што ќе изградиме во дигиталната сфера и ќе биде наша приоритетна инвестиција, изјави Андоновски по состанокот.

Смета дека во минатото не било посветено доволно внимание на оваа „критична област“, дека граѓаните и институциите во „повеќе наврати веќе ја почувствувале опасноста од хибридните закани“, а претходната влада и институции, рече, „за жал не одговорија соодветно на тие ризици“.

Затоа ни се случуваа инциденти и нема сомнеж дека и во иднина ќе искрснуваат инциденти кои не можеме да ги замислиме ниту предвидиме, а кои ќе влијаат на сите социоекономски состојби и процеси.

Затоа немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура, да вложуваме во професионални човечки капацитети, со што дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност, истакна министерот.

Посочи дека стратегијата ќе се развива во согласност со принципите на ЕУ и НАТО, како и со меѓународните обврски на нашата земја, и го поздрави учеството на експерти на меѓународни партнери во работната група.

Рече и дека процесот на изработка на стратегијата ќе биде транспарентен и инклузивен, за што се планираат и јавни консултации, работилници и дебати.

Министерството укажува на загрижувачки статистики кои покажуваат дека во 93 отсто од случаите надворешен напаѓач може да го пробие мрежното опкружување на организацијата, дури 43 проценти од сите прекршувања се инсајдерски закани (намерни или ненамерни), а во просек, само 5 отсто од податоците на компаниите се соодветно заштитени.

На новинарско прашање за справување со сајбер-нападите и заканите со мејлови во училиштата, кои беа зачестени минатата учебна година, Андоновски одговори дека во исто време со стратегијата, од партнерите се подготвуваат и протоколи за начини и стандарди за постапување „при инциденти од ваков вид“.

– Се надевам дека тие ќе ни помогнат да се справуваме со ваквите напади.

Не очекувам дека нападите ќе престанат, ниту, пак, дека нашите системи ќе бидат толку отпорни да одолеат на каков било напад, но само со ваков системски пристап мислам дека ќе имаме резултати, рече Андоновски во изјава за медиумите.

Тој не се согласува со досегашниот пристап во вакви случаи – вработените во училиштата да ги игнорираат заканувачките електронски дописи.

-Пристапот дека вработените во училиштата и директорите не треба да ги читаат мејловите коишто имаат заканувачка содржина не е пристап на заштита на информациските системи и затоа ја подготвуваме оваа стратегија – да имаме јасен начин како ќе се справуваме со предизвиците, додаде министерот за дигитална трансформација.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content