Почна аплицирањето во УЈП за финансиска поддршка за плати за ноември
Од Управата за јавни приходи велат дека во текот на првиот ден ја потврдиле комплетноста на барањата БФП-ИП/2 за исплата на плата за ноември на околу 5 000 работодавачи
Барањата БФП-ИП /2 се поднесуваат преку системот Е-Даноци ( Е-ТАХ).Барањата БФС-СВД/2 се поднесуваат преку системот Е- ПДД. Овие Барања може да се поднесуваат заклучно со 10 декември 2020 година, а Управата за јавни приходи, ја потврдува комплетноста на барањето во рок од 3 дена од денот на поднесувањето.
Поддршката од државата за исплата на плати за октомври, ноември и декември годинава е предвидена со четвртиот пакет мерки за помош на стопанството поради здравствено-економската криза
За исплата на плати за вработените за октомври годинава беше предвидена поддршка од 951 252 239 денари. Одобрени се, како што велат од УЈП, 13 813 барања на работодавачи од кои за 12 470 се доставени налози за исплата до генералниот Секретаријат на Владата, со кои се опфатени 60 895 вработени. Исплатата на финансиски средства кај физичките лица кои вршат самостојна дејност за октомври изнесува вкупно 329 792 920 денари, а доставени се налози за исплата на 4277 самостојни вршители на дејност.
Поддршката за исплата на плати се обезбеди согласно падот на приходите во компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари.