Постковид-пациенти ќе се рехабилитираат во Центарот за белодробни заболувања во Отешево

47

Оваа болница е единствена од ваков вид во државата за пулмонална и физикална рехабилитација која постои и работи 40 години. Оваа болница е воздушна бања, односно е сместена помеѓу двата национални паркови Галичица и Пелистер, покрај Преспанското Езеро.

„ Голем дел од пациентите кои имале ковид се соочуваат со потешкотии во дишењето и движењето и истите полесно би се надминале со стручна помош, односно со респираторни и физикални вежби. Резултатите од оваа рехабилитација имаат голем бенефит врз здравјето на овие болни и оваа рехабилитација претставува важен сегмент во здравствениот систем. Процесот на рехабилитација во оваа институција се спроведува согласно најновите протоколи и програми за постковид-рехабилитација“, соопшти Министерството за здравство.

 

Како што се наведува, тимот е составен од специјалист по физикална медицина, специјалист по интерна медицина, супспецијалист пулмолог и физиотерапевти. Секој пациент ќе добие индивидуален пристап во зависност од неговата состојба. Рехабилитацијата трае различно во зависност од здравствената состојба на пациентот, со цел да се подобри респираторната функција, да се воспостави побрза вертикализација и враќање во нормалниот живот.

„Најчестите симптоми на кои се жалат постковид-пациентите се отежнатото дишење, мускулната слабост, изнемоштеност, болки во коските и мускулите, а со тоа и нарушен квалитет на живот. Овие пациенти имаат потреба од функционални физички и респираторни вежби. Тимот за физикална рехабилитација преку примена на соодветни мерења и тестирања врши проценка на пулмоналниот и физичкиот статус на болниот, мерење на срцева фреквенција, мерење на гасни анализи пред и по физичката активност. Според овие резултати тимот составува соодветен програм со кој го води пациентот низ процесот на рехабилитација“, објаснуваат од министерството.

Како водечки сегмент е респираторната рехабилитација со вклучување на вежби за дишење, вежби во природа и прошетки покрај езеро во придружба на физиотерапевт, специфични вежби, апарати за физикална терапија за зајакнување на мускулна маса на болниот. Целта е да се намалат респираторните потешкотии, да се ублажат симптомите,да се контролира анксиозноста, да се намалат компликациите и на крај да се подобри квалитетот на животот.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content