Поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија

32

Поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и непречено да се одвива образовниот процес во претстојниот зимски период, се дел од последните мерки за справување со кризата, што Владата ги донесе на вчерашната седница и со кои ќе бидат опфатени околу 200 компании.

Доколку со новите мерки не се намали цената на основните прехранбени производи, Владата ќе спроведе други механизми, односно замрзнување на цените.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција, информираше дека за компаниите ќе биде обезбедена струја од 80 евра по мегават час и со ваквата одлука, Владата очекува дека ќе се влијае врз стабилизирањето на крајната цена на основните прехранбени производи.

– Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Со оваа мерка, производителите на основните прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја што крајно ќе влијае и на стабилизирањето на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании, нагласи Ковачевски.

Од Владата потсетуваат дека веќе било јавно соопштено од производителите на основните производи дека со ваквата одлука би требало цените да се намалат најмалку за 10 проценти.

Основните и средните училишта, пак, ќе имаат можност до 1 декември да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а по истата цена со електрична енергија ќе може да се снабдуваат и јавните комунални претпријатија.

– Можност за снабдување со електрична енергија обезбедувме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и од одведување на отпадни води кои работат со пуктни и прочистителни станици со што ќе обезбедиме непречено стабилно снабдување со вода на граѓаните како и одведувањето на отпадните води. Цената за оваа намена ќе биде 95 евра по мегават час електрична енергија, нагласи Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши појасни дека се работи за околу 200 компании и посочи дека ќе се помогнат овие компании со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и да не се зголеми цената на водата.

– Ако во случај инпутот на електрична енергија што е во формирање на финалната цена не се рефлектира и во намалување на цена на производите, тогаш има и други механизми, односоно замрзнување на цените онаму каде што ќе се утврди дека инпутот со електричната енергија не се калкулира во финалната цена на производите, истакна Бектеши на вчерашната прес-конференција.

Бектеши, исто така, очекува денеска или утре на седница на Собранието да биде усвоен и Законот за потрошувачи, преку кој ќе се контролира цената на производите.

– Во Законот има одредени мерки со кои Државниот пазарен инспекторат може да постапи и ние кажавме дека нема да дозволиме никој да прави профитерство во време на криза, додаде министерот.

Владата, исто така, донесе одлука со која на општините и на Град Скопје им се забранува основање јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес, јавно осветлување со цел да се спречи злоупотребата и манипулациите при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content