По неодамнешната бура што се случи во овој регион, во постојан контакт сме со градоначалникот и општинската управа.
„Ќе направам инспекција и лично ќе ја разгледам ситуацијата предизвикана од невремето кое го погоди овој дел од општината“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој денес престојува во Општина Василево.
Тој нагласи дека е известен од градоначалникот дека веќе се формирани комисии за утврдување на штетата. „Тука морам да кажам дека Министерството, со експерти од подрачната единица, учествува во овие комисии со цел проценката да биде направена професионално“, објасни министерот.
Тој информираше дека е во тек јавниот повик за пријавување на штета, а првите апликации веќе се пристигнати. „Овие денови, комисиите ќе излезат на терен, нема да го чекаат последниот рок до 20-ти мај кога треба да заврши повикот за пријавување штети, со цел да направиме навремена проценка на штетата што е предизвикана, бидејќи станува збор за раноградинарски производи. Треба да им помогнеме на земјоделците и побрзо да ја извршиме проценката за да можат да се обноват погодените површини“, истакна Трипуновски.
Тој рече дека по завршувањето на целокупната проценка, согласно изготвувањето на збирниот елаборат, истиот ќе биде доставен до второстепена комисија на Владата, по што Владата ќе донесе одлука за висината на обесштетувањето.
бт/нд/Фото: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.