Дел од млечните производи добија повисоки цени и тоа втор пат за само една недела. Цените од одредени фирми на дел од млечните производи како сирење, кашкавал, јогурт… се зголемени и за 30 денари потврдуваат за Канал 5 дел од маркетите и најавија дека во наредните денови цените ќе пораснат за дополнителни 15 до 20 денари. Па така одредени кашкавали стигнаа цена и до 900 денари, а килограм сирење чини и над 500 денари.
Бранот поскапување на храната дополнително следи откако на мерките за ограничени маржи и ДДВ им престана важноста – и самите маркети добија „одврзани“ раце да ја кројат заработувачката.
Прескапо е, но мора да се пазари велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме. И тие забележале повисоки цени на млечните производи, а се жалат дека ова лето и овошјето и зелечукот станало луксуз.
-„Доста има зголемување на млечните производи, не можеш да си приуштиш. Пиперот е 160 денари, па пипер е не е месо.“ – се жали граѓанка.
Нема кој да работи земјоделие, па од земја извозник станавме најголем увозник, се жалат земјоделците.
Откако кило лубеница која обично чинела 10 до 15 денари кило, ова лето ќе ја најдете за минимум 35 денари килограм. Луксуз стана и дињата. Ако лани на тезгите по пазарите беше 25 до 30 денари килограм, оваа година се продава над 100 денари кило. Високи цени држат и кајсиите, праските, сливите. Ништо поевтин не е ниту зеленчукот. Килограм блага пиперка стигна цена од неверојатни 170 денари. Скапи се и доматите и краставиците.
Земјоделците велат граѓаните да бидат трпеливи, од средината на септември ќе следи намалување. А, според Драги Памуков климатските промени но и немањето добра државна стратегија се главни фактори за се поскапата храна.
„Стратегијата за земјоделие на државата е катастрофална. Тоа е едно од клучните ситуации, второ е глобално, а трето кога не се негува домашното производство, вакви цени ќе имаме за жал. Затоа ќе имаме од Албанија и Турција, а сега ќе имаме роба и од Косово. А ние бевме најголемиот увозник во Косово.“ вели за Канал 5 Драги Памуков, земјоделец.
Она што е познато е дека во септември и низа други производи ќе добијат повисоки цени, бидејќи со законските измени ДДВ-то на одредени продукти ќе се зголеми двојно, од 5 на 10%. Листата ќе биде долга, но кои точно производи ќе се најдат на неа се уште не се знае, бидејќи јавно не е објавена.