Побрзи, поевтини и поефикасни прекугранични плаќања во евра од октомври 2025 година

101

Од октомври 2025 година, деловните банки од земјава ќе можат да се приклучат кон платните системи на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што се отвора патот за побрзи, поевтини и поефикасни прекугранични плаќања во евра. Народната банка активно го следи процесот на подготовка на банките за пристап кон СЕПА, што опфаќа правна, техничка и оперативна усогласеност со европските стандарди, посочува вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интeрвју за националниот сервис МТВ.

Придобивките за граѓаните и компаниите, вели таа, ќе бидат значајни – намалени трошоци, поедноставени постапки и многу пократко време за трансакциите. Парите испратени од странство, вклучително и оние од иселениците, ќе пристигнуваат во текот на истиот или следниот работен ден, со значително пониски трошоци, а банките ќе треба да им ги пренесат овие придобивки и на клиентите преку пониски надоместоци.

Заради поедноставување на процедурите, потсети Нацевска, Народната банка веќе ги укина обврските за доставување документација за тековните трансакции со странство, меѓу кои и за плаќање одмор или школарина во странство, а ќе се укине и за капиталните трансакции, освен за мал број трансакции за кои постојат експлицитни законски обврски.

Ова значително ќе го олесни онлајн и шалтерското банкарство и ќе го поттикне користењето електронски и мобилни платежни услуги. Податоците покажуваат дека електронските плаќања во земјава веќе бележат годишен раст од над 40% во 2024 година, истакнува вицегувернерката Нацевска.

Таа информира дека се работи и на олеснување на процедурите за приливните плаќања. Целта е, нагласува, средствата добиени од странство, вклучително и хонорарите, да се ставаат на располагање веднаш или најдоцна следниот ден, без потреба од приложување договор или фактура, освен во специфични случаи каде што тоа е законски обврзано.

Покрај ова, не се предвидуваат ограничувања за износите коишто може да се префрлат на основа на подарок, освен лимитот од 100 илјади евра кај инстант плаќањата, а контролите за спречување перење пари и финансирање тероризам и натаму ќе се применуваат, во согласност со меѓународните стандарди, потенцира вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.

Foto: Youtube printscreen.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content