Пендаровски: Безбедносната состојба е стабилна

90

Состојбата во земјата и регионот е стабилна, оцени претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на 8-та седница на Советот за безбедност.

На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Оперативно-техничката агенција ОТА, Зоран Ангеловски, и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Претставниците од надлежните служби и министерства пред Пендаровски реферирале за внатрешната безбедносна динамика и нашето опкружување.

„Советот заклучи дека состојбата во земјата и регионот е стабилна и дека нема индиции дека би можел да биде загрозен нашиот територијален интегритет и суверенитет. Надлежните институции во континуитет ги следат сите ситуации кои потенцијално би можеле да прераснат во посериозен безбедносен проблем, вклучувајќи тука и евентуален нов бран на бегалска, односно мигрантска криза“, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи дека, сепак, најголемата криза со која сме денес соочени е пандемијата на Ковид-19, не само кај нас, туку и на глобално ниво.

„Пандемијата останува најважниот предизвик за нашето општество и во следните месеци, со влијание и врз економијата и врз здравството, но не очекуваме, според денес направените и презентирани проценки, дека ќе има развој кој би влијаел на општата безбедност во земјата“, рече Пендаровски.

Втора точка на дневниот ред за која се дискутирало биле безбедносните импликации поврзани со воведување на 5Г-технологијата кај нас.

Како членка на НАТО, вели Пендаровски, сме обврзани стриктно да ги следиме сите безбедносни протоколи на алијансата, и тоа како во однос на безбедносниот беграунд на лицата, на луѓето кои работат на чувствителни места во државниот апарат, така и во однос на воведувањето дигитални технологии и корпорации како нивни носители кои имаат цели и вредности кои се некомпатибилни со целите и вредностите на западната алијанса.

Во таа смисла на седницата било заклучено дека во овој домен Владата и другите надлежни институции треба доследно да ги применуваат правилата и препораките на организацијата каде што сме веќе членка, се разбира, со сите права, обврски и одговорности кои од тоа произлегуваат.

„Сосема конкретно во однос на втората точка да ви пренесам дека беше заклучено Министерството за надворешни работи да почне со подготовка на меморандум за разбирање, сличен според содржината, според формата со она што веќе беше потпишано од некои држави во нашето опкружување и подалеку во Европа – членки на алијансата, со кој ќе се наведат прецизно нашите обврски во однос на сопственичката структура на компаниите, евентуалната државна поддршка која тие ја имаат – колку тие се од овој аспект компатибилни со работите кои ги спомнав предмалку, бидејќи се разбира дека мора да ги следиме препораките на организацијата каде што сакавме да влеземе толку долго и конечно тоа го успеавме на 27 март оваа година“, изјави Пендаровски.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content