Наместо вишоците на струја да бидат понудени на домашниот пазар, тие завршуваат кај компании кои остваруваат огромни профити од кои дел завршуваат во џебови на политички моќници, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. „Вишоци струја се понудени на компанија која сосема ‘случајно’ купува прекуграничен капацитет истиот месец од Македонија во Србија, односно во Косово, и потоа сосема ‘случајно’ од Косово истите тие ги носи во Албанија и ги продава за потребите на албанската енергетска компанија КЕШ“, рече Мицкоски.
Според него, наместо вишоците струја да се понудат на домашни компании заради нивен бизнис и за да се зачуваат работни места, пари завршуваат кај приватни компании кои генерираат голем профит, а дел од профитот завршува во џебови на политички моќници на Балканот.
Одговарајќи понатаму на новинарски прашања, Мицкоски оцени дека последната средба на Советот за безбедност посветена на енергетската криза за да има ефект, требало да се одржи по денешниот состанок на министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ. Според него, катастрофална грешка е што на Советот за безбедност не бил поканет ниту тој, ниту пак претставник на локалната самоуправа.
„Ако во општините СДСМ нема мнозинство и ако дректорите на јавните комунални претпријатија не се од СДСМ тоа не значи дека треба да ги напуштиме и да ги заборавиме. Но тоа зборува за луѓето кои ја водат државата во амбис. И затоа бараме предвремени избори, а еве можност да се одржат заедно со референдум. И да видиме какво е мислењето на граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Сопиште каде беше во посета.
Тој ги повика премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го поддржат процесот на организирање на референдумот инициран од оваа партија и да не го опструираат во парламентот преку спикерот Талат Џафери, туку да дозволат најпрвин да се соберат 150.000 потписи, а потоа и да се оди на Референдум на кој граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја.