Отворените прозорци ги смрзнаа учениците
Од Министерството за образование велат дека немаат информација колку треба да е минималната температура во училниците за да се одвива настава. Но нормативите пропишани од Бирото за развој на образованието велат дека температурата во училниците мора да биде 21 до 22 степена, со релативна влажност на воздухот од најмалку 65 проценти.
Директорката на ОУ „Коле Неделковски“ вели дека прозорците се отвораат за време на одморите. Појаснува дека и без разлика на пандемијата училниците мора да се проветруваат со оглед на тоа што во една училница може да има и до 30 ученици.
На социјалните мрежи реагираат и родителите и наставниците со повик за онлајн настава:
А, заболени колку ти душа сака. Дали од ковид, дали од сезонски грип небитно. Минатата година цела бевме онлајн. Сакале верувале сакале не, за едно течење од нос не сме знаеле. Почна школово, по трет пат настинка или грип и тоа со прилично видливи симптоми, пишуваат на мрежите.
Инаку од МОН запрашани во бројки колку ученици и наставници се позитивни на Ковид-19 и во изолација или самоизолација, повторно тврдат дека состојбата во училиштата е стабилна и дневно се следи од МОН и надлежните здравствени институции кои се во постојана координација.
„Податоците што МОН ги добива на дневна основа од училиштата покажуваат дека бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици. Важно е да се напомене дека бројката е динамична и постојано се менува согласно бројот на негативни, односно оздравени од вирусот, или новодијагностицирани,“ велат од МОН.
Притоа се повикуваат и на скринингот кој не покажал ниту еден позитивен ученик.
Според МОН во моментов настава на далечина се реализира за околу 2 проценти од учениците.
Од Министерството за здравство пак велат дека во период од еден месец, во државата имаме 1460 дијагностицирани малолетници со ковид на возраст од 6 до 17 години.