На 6-ти јануари, плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе биде домаќин на најголемата и највеличествена Бадникова поворка досега, под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски со гордост објави дека повеќе од 3500 коледарски пакетчиња ќе бидат поделени на децата учесници, а посебна атракција ќе биде најимпозантната Божиќна пештера во регионот, која ќе го краси центарот на Скопје.
На настанот, кој ќе започне со посета на децата од општината Кисела Вода во 10:20 часот, ќе се формира најдолгата поворка досега, исполнета со радост, песни и љубов. Со стиховите на „Вечниот Бог“, децата ќе ја најават Христовата радосна порака за љубов и мир.

„Ова се најрадосните денови во годината, кога вистинските вредности се слават и традицијата се продолжува. Младите повторно живеат во духот на верата, што ме прави исклучително горд,“ изјави Ѓорѓиевски, повикувајќи ги сите граѓани да се приклучат на овој ден за паметење.
Со желби за здравје и љубов, градоначалникот изрази надеж дека Божиќната магија ќе трае цела година и ќе ги обединува сите генерации.