Согласно новите законски обврски за селектирање и управување со сите видови отпад, Општина Прилеп станува една од првите пилот-општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион која започнува со селекција и на текстилниот отпад. Акциските локални планови се изготвени според шведски примери и искуства, со крајна цел подигање на свеста за економското значење на текстилниот отпад при зачувувањето на здравата животна средина.
„Станува збор за одвојување на одредени фракции од отпадот за да не завршат на депонија, затоа што текстилот како и други рециклабилни материјали има употребна вредност, а исто така имаат и економска вредност. Ова е начин да се намали товарот врз околината, а исто така и да се развијаат подобри пракси со кои што едноставно ќе имаме понало влијание врз околината и општината ќе може да оставри одредена економска корист“, – изjави Емил Ангелов, раководител на тимот SALAR-internacional, за управување со отпад на локално ниво.
Во реализацијата на овој еколошки проект освен САЛАР-инетрнационал, општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“, вклучен е и Колективниот постапувач со отпад „Тексомак“ кој што во системот ќе ги вклучи сите производители кои создаваат текстилен отпад со што ќе се овозможи остранување на текстилниот отпад како посебен отпад и повеќе нема да го има на депониите.
„Понатаму општината ќе формира собирни центри, места, на кои што граѓаните во текот на еден ден во месецот, ќе можат на 18 локации во градот да го оставаат својот отпаден текстил и ќе апелираме до граѓаните да бидат уредно спакувани за доколку се за повторна употреба, да можат да се донираат“, – кажа Цветанка Николоска, овластен инспектор за животна средина при општина Прилеп.
„Ќе имаме и Работилница на која што ќе учествуваат децата од Текстилното училиште и кои заедно со Здружението „Преродба“ ќе ни покажат дека од текстилниот отпад можеме да направиме нови производи, да ги искористиме и се разбира да си ја заштитиме животната средина…Главна цел ни е собирање на текстилниот отпад којшто можеме понатаму да го рециклираме или донираме и во никој случај да не дозволиме да заврши на депнија и да ни ги загадува нашите природни убавни“, – рече Евгенија Најдоска, управител на „Тексомак“.
За селекцијата на текстилниот отпад, како нов вид на селекција, обезбедени се и посебни, обележани контејнери. Инаку, Прилеп е една од првите општини во кои селектирањето на отпадот се врши речиси две децении.