Од јуни ќе почнат вработувања за воспитувачки во градинки
Министерката Јована Тренчевска вели дека сите општини, помеѓу која и Карпош каде има занимални кои седат празни, а побарале согласности за вработувања, ќе добијат.
Сепак, Министерката Тренчевска не знае колку деца вкупно чекаат на листа за упис во градинка во метрополата, а според досегашните податоци кои ги добивме од општините, нема место за најмалку 2000 дечиња во главниот град. Листата полна детски имиња е најдолга во Аеродром, каде повеќе од 700 деца немаат каде да бидат сместени. Место повеќе се бара и во Центар каде на ред чекаат 200 деца. Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека нема да се испишуваат оние кои веќе ги посетуваат градинките во Центар, како што реши да прави Карпош, зошто тоа би било шок за дечињата, ама за нови уписи приоритет ќе имаат децата чии двајца родители имаат лични карти со адреса во оваа општина, за да докажат дека се центарци.
Додека локалните и централните власти велат дека со капитални проекти и вработувања за празните занимални се работи на решавање на долгогодишниот проблем со недостаток на капицитети во Скопје, дел од родителите кои имаат повеќе пари ги запишуваат децата во приватни градинки, каде секој месец се плаќа по најмалку 13.000, ама во повеќето 16.000 или 18.000 денари. Оние кои немаат толку пари остануваат на листите за чекање во државните градинки каде за месец се плаќа по 1500 денари.