Под слоганот “Собрание за граѓаните, отворено и одговорно”, Парламентарната поворка од денес ќе посети повеќе општини низ државата.
Прва станица на поворката е Општина Ресен, каде што ќе бидат организирани разни активности за комуникација на граѓаните со пратениците, во присуство и на претставници на Службата на Собранието, канцелариите за контакт со граѓаните, општините, локалните јавни установи, образовните институции, локалните граѓански здруженија, како и домашни и меѓународни организации, кои помагаат во реализацијата на настанот.
Собранието и оваа година организира Парламентарна поворка – настан кој, како што информираат од собраниската прес-служба, има за цел да ја доближи законодавната власт до граѓаните и да овозможи поголемо учество на јавноста во демократската дебата и во креирањето на законски решенија кои ќе го подобрат животот.
Во периодот до средината на јуни, поворката за 2025 година ќе ги посети и Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово, Кичево и Куманово, како општини кои не беа посетени за време на претходната Парламентарна поворка во 2023 година.
Завршниот настан, пак, и оваа година е предвидено да се одржи во Скопје – во близина на Собранието на Република Северна Македонија.
Од собраниската прес-служба истакнуваат дека преку разни настани во централните места во градовите и општините ќе се испратат клучните пораки на настанот “Собранието за граѓаните” и “Отворено и одговорно”, а со цел да се нагласи дека законодавниот дом е одговорен како институција пред граѓаните.
Парламентарната поворка ќе обезбеди присуство на пратениците во општините или во изборните единици од каде што се избрани. Тоа е можност, како што се наведува во соопштението, пратениците да ги слушнат впечатоците на граѓаните за работата на Собранието и да се запознаат со проблемите кои бараат законодавна иницијатива.
Оваа активност на Собранието е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП) за 2025 година, финансиски поддржана од Швајцарската Конфедерација, а спроведувана во соработка со НДИ, ЦУП и ИДСЦС.