Прилеп увезува работна сила од Непал. 9 работници од Непал веќе пристигнаа и ќе бидат ангажирани во прилепската текстилна индустрија, а во скоро време на работа во Прилеп се очекува да дојдат уште десетина Непалци. Увозот на работна сила е во почетна фаза, но го отвора прашањето за состојбите со домашната понуда на пазарот на трудот.
Прилепските стопанственици наведуваат три причини за увозот на работна сила.
Едната е во тоа што до овој момент тие немаат доволно квалификувана работна сила на домашниот пазар на трудот. Дуалното образование не ги даде посакуваните резултати во овој момент и исто така, образовните процеси што ги имаме во државава не се адаптирани на барањата на постојното стопанство. Втората причина е дека и воопшто нема ниту неквалификувана работна сила. Значи, нема од каде да ги добиете идните работници за прво да ги преквалификувате или доквалификувате. Трета причина е слабата продуктивност на нашите вработени – изјави Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора.
Слабата продуктивност, како што кажа, дополнително носи некомпетентност на компаниите понатаму на европските пазари.
– Затоа стопанствениците се решаваат да увезат вработени од други држави за да видат во што е причината за некој вработен, на истите работни позиции од друга држава да биде попродуктивен од нашите работници – рече Мариноски.