Од денес почнува тестирањето ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study), во кое се опфатени 150 основни училишта од државата и до крајот на наставната година ќе бидат тестирани околу 4.900 ученици на македонски и на на албански јазик.
Со учеството во меѓународните студии на мерење на постигањата на учениците се добиваат многубројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигањата на учениците на меѓународно ниво како исклучително важен фактор за понатамошното креирање на образовните политики со кои Министерството за образование и наука ќе обезбеди поквалитетно образование за сегашните и идните генерации ученици.
„Исклучително важно за Република Северна Македонија е да учествува во меѓународни тестирања во областа на образованието, преку кои се проверуваат постигнувањата на учениците, нивото на нивното знаење во споредба со знаењето на врсниците од други земји, се проверува подготвеноста за справување со предизвици и реални ситуации од секојдневието, се компарира начинот на организирање на наставата во разни земји и дома. Посакуваме процесот да помине во најдобар ред, резултатите на учениците да бидат подобри од претходните циклуси на мерење и тие да бидат добра основа за носење следни одлуки во креирање политики во образованието“, порачуваат од МОН.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природната група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). ТИМСС-тестирањето опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата, а резултатите од ова тестирање со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година.