Од денеска се олабавуваат дел од рестриктивните мерки за заштита од ковид-19 во земјава, откако вчера Владата ги усвои препораките на Главниот координативен штаб, кои претходно ги даде и Комисијата за заштита од заразни болести.
Олабавувањето на рестрикции опфаќа укинување на мерката за задолжително поседување ковид-сертификат за посета на угостителските објекти на отворено. За затворените делови, пак, останува обврската за потврда за вакцинација или прележан ковид.
Олабавување ќе има и за учениците од основно образование за кои се укинува обврската наставата да ја следат со маски, освен ако самите по своја желба не го бараат тоа. Наставниците и останатите вработени во училиштата, пак, ќе продолжат да носат маски.
Дел од новите мерките се однесуваат и на студенти за кои е одлучено да се вратат на настава со физичко присуство.
„Да се започне настава со физичко присуство на факултетите во земјата со почитување на препорачаните превентивни мерки за превенција од коронавирус ковид-19, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание 1-2 метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата – соопштија вчера од Владата.
Друго олабавување на рестрикциите се однесува на тоа што се зголемува максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашните најмногу до 50 отсто, на најмногу до 75 отсто, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани. Станува збор за настани во театрите, кината, филхармонијата, како и настани од типот на семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.
Исто така, се укинува и обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.