Достоинствено, како што му доликува на милениумскиот јубилеј, денеска Бигорскиот манастир со централна прослава одбележа 1000 години од основањето.
По пречекот на претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на прославата и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, од Епископот Антаниски г. Партениј и традицинална мијачка гарда, беше отслужена Божествена архијерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.
Бигорскиот манастир е нашиот победник над времето и над вековите,наша гордост што трае зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток во наш духовен горостас и наш најдобар презент, рече меѓу другото во пригодното слово кон присутните Архиепископот г. г.Стефан. г.г. Стефан кој посебно се задржа и на придонесот на г.Партениј и бигорското братсво за она што денес претставува Бигорски и неговите метоси, посебно за помошта и подршката што ја дава за духовните чеда.
На г. г.Стефан му беше врачено највисокото милениумско признане на Бигорскиот манастир-лента со ѕвезда со ликот на чесниот Претеча.
Токму овој јубилеј не поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме, во потрага на материјални вредности или за покажување добрина и солидарност и кон сите оние на кои животот им станал претежок и колку секој од нас прдонесува за најважната кауза-за изградбата на слободно општество на рамноправни и доблесни во кои ќе се почитува достоинството на сите. Денес на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир размислуваме како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација.Се надевам дека ако опстанеме со силна верба и почит и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас за кои ќе се прикажува, порача меѓу друготовоето обраќање претседателот Пендаровски.
Посебно емотвно беше обраќањето на еден од штитениците на бигорскиот манастир и духовно едо на г.Партениј, чии зборови на благодарност г.Партениј ги слушаше со солзи во очи.
Во продолжение, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј доделени беа ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.
Целиот настан се одвиваше во строги протоколи за заштита од Ковид-19.
Синоќа беше отслужена архијерејска Вечерна богослужба, на која молитвено претстоеше надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј.
Пред почетокот на Вечерната богослужба, во храмот на Чесниот Претеча, Слово одржа Епископ Антаниски г. Партениј, во кое меѓу другото рече дека илјадагодишното наследство во коешто се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, Едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот.
Заради се она што го направил за манастирот, како и несебична помош и поддршка за прославата на великиот јубилеј, на г. Тимотеј му беше врачено највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска Обител – лента со ѕвезда и крст со ликот на Чесниот Претеча.
Посебно изненадување и украс на синоќешното торжество беше факелијадата околу храмот, организирана од стотина млади битолчани, предводени од навивачката група „Чкембари“, коишто, како и секогаш, и синоќа се покажаа верни и благодарни за севкупната дејност на Бигорски и на неговиот игумен, Епископот г. Партениј. Носејќи запалени факли како симбол за Христовата светлина со која Бигорската Обител цели илјада години ја озарува македонската земја, тие на свој начин се вложија себеси во достоинствената прослава на Бигорското илјадалетие.
Годинава се одбележува уште еден јубилеј, 25 години од замонашувањето на отец Партениј и започнувањето на неговата света мисија.