Одлуки од денешната седница на Уставниот суд

44

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за член 9 став 6 во делот „и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор” од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-5774/1 од 21.11.2014 година, изменет и дополнет со Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-3336/1 од 08.05.2015 година.

Уставниот суд изразува сомнеж и смета дека Советот на Агенцијата аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку донесување на оваа одредба ги надминал своите надлежности и предвидел нова категорија „вработени лица” која не егзистира во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту во Законот за работните односи со што се повредува владеењето на правото и одредби од Законот за работните односи.

Подносителот на инцијативата Трговско радиодифузно друштво „Радио Канал 77” од Скопје, смета дека таквото определување што се подразбира под поимот „вработени лица” е противзаконско од причини што оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како законска одредба, така што во член 3 од истиот Закон се дадени дефинициите на одредени изрази во смисла на овој закон и значењето кое го имаат, при што во Законот не е определено значењето на изразот „вработени лица”, туку тоа е направено со оспорената одредба од Правилникот.

Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работни односи поради постоење процесни пречки за одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Ставот на Судот е дека во рамките на постапката за оценување на уставност и законитост, нормата се разгледува само од аспект на она што содржи и единствено тоа се оценува во однос на повисоката норма, а не она што не е предвидено, односно што требало да биде предвидено. Во таков случај, постојат процесни пречки за одлучување и согласно ова се одлучи да се отфрли иницијативата.

Уставните судии ја отфрлија иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сверна Македонија и Макпетрол АД Скопје, поради постоење процесни пречки за одлучување, а со оглед дека оспорениот закон е исцрпен во својата примена.

На денешната седница беше поведена постапка за оценување на уставноста на член 6 став 3 во делот: „донесено од стечајниот управник“ од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 257/2020) и се отфрла иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 3 во делот: „Во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение“ и во делот: „е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Судот ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Решението за разрешување и именување на членови на Управниот одбор на КИЦ „Романса“ Македонска Каменица бр.08-2337/1 од 12.12.2022 година, донесено од Советот на Општина Македонска Каменица на 14-та седница, одржана на 12.12.2022 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица бр.15/2022“).

Исто така беше отфрлено и барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на дискриминација по основ на социјална припадност, поради невакцинираност, кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините, поднесено од малолетниот Н.M. и Зоран Мијалков застапувани од адвокатот Трајче Торов.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content