Извод од матичната книга на родените, медицинска потврда од стоматолог, потврда за направен офталмолошки преглед, како и потврда за примени вакцини.
Според правилата, во прво одделение се запишува секое дете кое има наполнето, или ќе наполни 6 години до крајот на календарската година. По исклучок може да се запише и до 31 јануари наредната година, но тоа се случува на барање на родителот/старателот, како и по добиено мислење од педагогот или психологот на училиштето.
Ова значи дека во прво одделение можат да се запишат сите деца родени во 2017 година, а кои до крајот на годинава ќе наполнат шест години, но и деца родени до 31 јануари 2018, по претходно барање на родител и добиено мислење од стручната служба.
„При запишување дете во прво одделение, родителот, односно старателот, е должен да достави потврда за офталмолошки преглед, издадена од надлежна здравствена установа. Ако родителот/старателот не достави потврда за извршен офталмолошки преглед, потребно е да прикачи или достави упат за вршење на офталмолошки преглед“, информираат во Министерството за образование и наука.
Ако родителот/старателот информира дека има дете со попреченост, тогаш треба да достави и функционална процена од стручната комисија за проценка на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка, согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
Александра Петковска Анастасов, директорката во основното училиште „Григор Прличев“ во населбата Железара, појаснува дека ќе има процес на тестирање за децата кои ќе се запишат во прво одделение.
„Тестирањата на дечињата ќе ги прават членовите на комисијата за упис. На овие тестирања ќе се види какви се нивните општи познавања, но и каква е нивната емоционална зрелост. Вратите на училиштето се отворени за нашите идни првачиња“, вели Петковска Анастасов.
Инаку, на ниво на Македонија, секоја година опаѓа бројот на ученици, вклучително и бројот на првачиња. Мета пред извесно време пишуваше дека ако во учебната 2011/2012 година во државата имало 986 училишта, а за десет години оваа бројка е намалена на 973. Ова покажува дека за една деценија се затвориле 13 училишта, без да се пресметаат подрачните училишта во руралните средини, бидејќи Државниот завод за статистика (ДЗС) ги брои училиштата кои се централни/матични.