Народна Банка објави колку профит направил банкарскиот сектор во Македонија, односно вкупно 13 банки. Банките сите поединечно ги објавија своите финансиски резултати, а сето тоа имаше прилика да го види и домашната бизнис јавност, особено за банките кои се котирани на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност: Но, сега и НБМ излегува со групни податоци заклучно со 2024 година, објави Фактор.
Според најновите бројки, домашниот банкарски сектор вкупно профитирал со 283 милиони евра, или прецизно 282,8 милиони евра.
Петте големи банки имаат вкупен профит од 250 милиони евра.
А, според претходно објавените извештаи на најголемата банкарска тројка составена од Комерцијална, Стопанска Скопје и НЛБ Банка, тие три банки имаа вкупен профит за лани од 191,4 милиони евра.
Средните банки, лани имале вкупен профит од 24,3 милиони евра, што е зголемување за 5 милиони евра, додека, пак, значаен напредок има кај профитабилноста на малите банки, кои се пет на број, и кои минатата година профитирале со 8,7 милиони евра, што е раст за 6,6 милиони евра.
Банките најголемите пари ги прават од нето-приходите од камати, кои лани им донеле речиси половина милијарда евра или прецизно 467,3 милиони, што е раст за 58,4 милиони во однос на претходната 2023 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци, пак, лани им донеле на банките 115,1 милиони евра.
Од нето приходите од курсни разлики се оствариле приливи од 28,2 милиони евра, што е речиси идентично и само малку пониска сума од една година претходно.
Одлични пари на домашните банки им донеле и останатите приходи од дејноста, и тоа се 49,4 милиони евра, што е раст за 14,5 милиони евра во однос на една година претходно.