Од вкупниот износ во вредност од 62,3 милиони евра кои Македонците во текот на 2020 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство, дури 73,6% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на 10 земји.
Најголема вредност на трансакциите, односно најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа до некаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), WizzAir (Унгарија) и Facebook, Google (Ирска).
Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 547.713) се реализирани во корист на веб-продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon, преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединето Кралство.
Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека за разлика од претходната година, значително е намален бројот на плаќања кон компании регистрирани во Обединето Кралство и Унгарија, што според нив се должи на драстичното намалување на патувањата и користењето на авио-транспортот.
Од аспект на вредноста на трансакциите, просечната трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 1.530 денари и кон оваа земја е реализиран најголем износ на плаќања.
Највисока просечнна вредност се евидентира од плаќањата кон Унгарија, каде доминираат плаќања кон WizzAir и просечната вредност изнесува 5.566 денари, додека најмала просечна вредност се евидентира кон Луксембург на износ од 645 денари.