„Обој го светот во портокалово“ – 16 дена активизам под мотото #КажиНе на насилството врз жени и девојчиња
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со портокаловото осветлување на скопската тврдина Кале, Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија, официјално започнува годинешната кампања со слоган „#КажиНе на насилството врз жени и девојчиња“. Овој симболичен чин го означува почетокот на серија настани и активности, како дел од кампањата што ќе трае до Меѓународниот ден на човекови права, 10 декември 2020 година.
Насилството врз жените и девојчињата претставува голем општествен проблем, кој зазема сè поголеми размери во светски рамки. Имено, 45 отсто од испитаните жени и девојчиња во Република Северна Македонија, доживеале некаква форма на насилство.
Целта на кампањата „#КажиНе на насилството врз жени и девојчиња“, која трае 16 дена, е да прати силна порака против насилството врз жените и девојчињата, со тоа што неколку знаменитости низ различни градови во државата ќе бидат осветлени во портокалова боја, како симбол за посветла иднина, без насилство врз жените и девојчињата. Со цел поттикнување дискусија на поширока општествена основа, кампањата ќе вклучува инсталација „Скршени предмети“ што ќе биде поставена пред Музејот на Мајка Тереза, како и неколку тематски онлајн конференции, дискусии, работилници и студентски натпревар за најдобар тематски графички дизајн. На 30 ноември, инсталацијата „Скршени предмети“ ќе биде поставена на плоштадот во Гостивар, а како дел од активностите на кампањата, на 1 декември е предвидено и осветлување во портокалова боја на Занаетчискиот дом во Куманово. Следниот ден, на 2 декември, во портокалова боја ќе биде осветлен театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, институција што широкоградо прифати да биде дел од кампањата со сопствени можности и техника.
Поради специфичната ситуација со пандемијата на ковид-19, кампањата ќе биде спроведена во согласност со сите заштитни мерки и протоколи, а во рамките на активностите ќе се користат можности и за онлајн комуникација, со учество на високи владини претставници, како и претставници на на ОН и на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и граѓанските организации.
Во рамките на кампањата е предвидено објавување интерактивни содржини и едукативни пораки на социјалните медиуми од повеќе поединци од различни сфери на општеството, како нивен заеднички придонес во борбата против насилството врз жените и девојчињата. Крајниот резултат на оваа борба зависи од сите нас. Затоа, да реагираме! Да пријавиме! Да менуваме!