Велики Петок
На Велики Петок, се слават спомените од Христовото распнување на крстот, обичајот е по бакнувањето на иконите, верниците да се протнат под масата на која е поставено платно на кое е насликан Исус Христос. По некое верување се смета дека за време на протнувањето под масата, верниците треба да се помолат и да замислат желба и ќе им биде исполнета.На овој ден се започнува со подарување на вапсани јајца.
Славење на Воскресението
Во сабота, по полноќ се слави Христовото воскресение. По биењето на камбаните кои го навестуваат големиот празник, и по молитвата верниците меѓусебно се поздравуваат со зборовите: Христос Воскресе, и Навистина Воскресе,и со овој поздрав пожелно е верниците да се поздравуваат до празникот Спасовден.Откако ќе се поздрават луѓето традиција е кршење на вапсани јајца кои се носат со себе за време на молитвата пред полноќ, по што завршува постот и препорачано е истиот да се прекине со јадење на вапсано јајце.
Кршење со јајца
Традицијата вели дека во секое домаќинство на масата треба да е поставена кошница полна со вапсани јајца во сите бои. Најпрво, домаќинот зема јајце па потоа дели на сите останати. За време на свечениот велигденски ручек се верува дека за здравје најпрво ручекот се започнува со едно вапсано јајце, па потоа со сѐ друго останато.На секој гостин кој ќе дојде во домот, најпрво, треба да му се даде вапсано јајце.
Понеделник по Велигден
Првиот понеделник по Велигден се верува дека е потребно да се посетат гробовите на вашите најблиски и денот се обележува како Задушница. Се палат свеќи и се врши помен за покојните души, додека се носат и се поставуваат вапсани јајца на гробот и се делат на оние најсиромашните кои немаат за храна.
Најпознати обичаи:
За Велигден се станува рано наутро, а НЕ се оди на спиење пред полноќ.
Наутро да се измиете со вода во која има дрен, здравец, босилек и црвено јајце.
Се верува дека доколку на челото на децата се помине со црвено јајце, истото ќе придонесе за здравје во текот на целата година.
На децата во недела наутро им се кријат јајцата низ домот и дворот, а откако ќе ги најдат за нив следува награда, подарок од родителите.
За Велигден се подготвуваат слатки лебови, со црвено јајце во средина, познати како милиброд или козињак во западните делови на земјата.
Јајцето кое ќе остане нескршено за време на велигденските денови, се нарекува „кршаче“ и истото се чува до следниот Велигден.