Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.
Вапсањето на јајцата се прави во спомен на настанот кога света Марија Магдалена Мироносица (тоа е таа девојка која со Пресвета Богородица, постојано била покрај Христос во текот на неговото голготско страдање и на која Христос и се јавил прв по неговото воскреснување), патувала во Рим да проповеда Евангелие и да го посети царот Тибериј. Тогаш во знак на внимание, како новогодишен подарок му однела црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе.
Уште еден обичај поврзан за Велики петок е и отсуство на секаква радост. Имено, верниците тој ден не слушаат музика, не се предаваат на други радосни содржини, не се веселат, бидејќи Велики петок е најтажен христијански празник кога бил распнат Исус Христос.
Според традицијата во минатото на Величетврток жените поминуваат најмногу време во кујната. Тогаш највозрасната жена во семејството замесува велигденски леб, нарекуван уште богова пита, велигденски кравај или квасник. Велигденските леб е обреден леб и се украсува со непарен број велигденски јајца.
Велат, исто така, дека на полноќ на Величетврток небото се отвора, за да слезат кај своите блиски душите на мртвите, кои остануваат на земјата 40 дена. Во минатото на овој ден луѓето ги осветувале новите домови.