Дистрибутерите и трговците, а не земјоделците се виновни што доматите се 120 денари, а кога ги откупиле од земјоделецот тоа го направиле за 30 денари, меѓутоа во ланецот додале огромни маржи, тврди Васка Мојсовска од Федерацијата на фармери.
Вие како потрошувачи купувате сурови на производи, на пример како домати, по 120 денари, додека на земјоделците им се откупуваат по 30 денари. Сето тоа е заради високите маржи коишто токму овие дистрибутери и трговци ги ставаат и за жал, кремот или заработката од нив ја земаат токму тие, а не оние вистинските производители, изјави таа.
Од новоформирана комора на трговци, пак, рекоа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите. Тие на вчерашниот состанок во министерството за економија предложиле да не се замрзнуваат маржите на над илјада производи, туку да се направи листа од стотина продукти кои најчесто се користат и нивните цени да се намалат во договор со производителите и дистрибутерите. Одлука ќе има следната недела.